Шекеринска и Тевдовски: Обезбедивме зголемување на платите во АРМ за 10 проценти во буџетот за 2018 година

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која заедно со министерот за финасии Драган Тевдовски ја посети касарната во Штип, информираше дека сите припадници на Армијата на Република Македонија од јануари 2018 година ќе добијат зголемување на платите за 10 проценти.

„После долги преговори што ги водевме и во Владата и со министерот за финансии, успеавме да обезбедиме не само повеќе средства за одбраната во 2018, туку и да обезбедиме доволно средства за сите припадници на армискиот состав, оние кои се во служба на армијата од јануари 2018 добијат покачување на плата во износ од 10 проценти“, рече министерката Шекеринска.

Таа посочи дека долга низа години не се инвестирало доволно во условите за работа во Армијата и дека со право припадниците на Армијата критикувале дека биле заборавени и занемарени.

„Сакаме да ја исправиме таа неправда, сакаме да ги подобриме условите за работа, сакаме да покажеме дека Македонија е определена реално за членство во НАТО. Членството во НАТО значи вистинска стратегија, добри политики и нова опрема, но значи и мотивиран кадар. Ова е еден од начините како Македонија ќе покаже дека е многу сериозна во своите напори“, рече Шекеринска.

„Целта на Владата е враќање на интеграцијата на Македонија во НАТО како еден од клучните приоритети. Членството во НАТО ќе ја направи Македонија побезбедна, посигурна и поатрактивна за инвестиции, но во исто време тоа ќе биде и начин како да ги подобриме условите за работа, како да го подобриме стандардот и животот на сите припадници на Армијата коишто реално и навистина ѝ се наоѓаат на Македонија тогаш кога ѝ е најпотребно“, додаде таа.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски истакна дека политиката на Владата е Армијата да го добие заслуженото место.

„Ние го поддржуваме зголемувањето на платите во Армијата и мислиме дека тоа е важно, најдиректните чинители, тие коишто се борат за влезот во НАТО, и најдиректно придонесуваат во мисиите, војниците, тие треба да имаат повисоки плати“, рече Тевдовски.

Министерот посочи дека членството во НАТО е важно и за економијата, бидејќи значи безбедност, повеќе инвестиции.

„Во сите земји во регионот веќе е јасно дека влезот во НАТО значеше раздвижување на економијата и повеќе можности што е особено важно за Македонија. Исто така растот на платите во АРМ е дел од нашата борба за зголемување на општото ниво на плати“, рече Тевдовски.