По повод 11 Октомври-Денот на народното востание на Македонија, ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид испрати честитка, во која стои:
„Денеска е 11 Октомври , а пред 76 години овој ден значел почеток на народноослободителната борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна. Овој ден е пресвртница во борбата за самобитност и национална индивидуалност на нашиот народ, во неговата борба за слобода, за национални и социјални права, за сопствената државност.
Оруженото востание, започнато на 11 октомври 1941 година, претставува исклучително значаен историски чин во долготрајната народноослободителна борба на македонскиот народ. И денес, 11 Октомври останува да биде празнуван и славен како почеток на востанието на македонскиот народ против фашистичката агресија. Овој датум треба да остане симбол кој го одбележува антифашизмот, борбата за национална слобода и борба за обединување.
Овој ден докажува како се сака татковината, се сеќаваме на паднатите борци кои прерано ги загубија своите животи како залог за татковината, а кои оставија аманет да ја сакаме и чуваме, зашто таа е се’ што имаме.
Нека ни е среќен и вековит овој ден!“– стои во честитката.