Одржан завршниот митинг на СДСМ и коалицијата во Белчишта

Денес во Домот на Културата во Белчишта се одржа завршниот митинг на Коалицијата „Живот во Македонија” предводена од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. Свои обраќања имаа кандидатот за градоначалник на општина Дебрца, Зоран Ногачески и премиерот на Република Македонија, Зоран Заев.

„На 15ти октомври ќе си ја вратиме нашата Дебрца, слободарска Дебрца. Дебрца е наш заеднички дом. Во Дебрца сите треба да си ја гледаме својата шанса и својата иднина. Затоа со мојот тим, со кандидатите за советници имаме визија, имаме план да ја развиваме Дебрца, да ги искористиме нејзините силни страни. Шетајќи овие дваесетина дена по нашата убава Дебрца, од врата на врата го посетивме секој дом. Кога ги прашав каков градоначалник сакаат, граѓаните кажаа дека сакаат градоначалник кој ќе ги прими и сослуша. Затоа тука го давам мојот збор. Ве уверувам дека Општина Дебрца ќе биде транспарентна, одговорна, отчетна, услужна, правична, отворена за сите граѓани. Градиме една општина за сите. Во текот на кампањата, на неколку пати јавно го поканив Игор Трајкоски да излезе на ТВ дебата, да подискутираме и за досегашните локални проекти што ги водел, меѓутоа и за визијата која ја има за Дебрца, ако воопшто тој  имал визија, но за жал не собра храброст и не се појави. Добро Трајкоски не се појави, од мене избега, ама во недела не можеш да избегаш од граѓаните на Дебрца. Во недела одлучуваат граѓаните, не одлучуваш ти и знај дека тие секогаш правилно одлучуваат. Подавам рака кон сите граѓани на Дебрца, без оглед на националната, религиозната, партиската припадност, заедно да се избориме за подобра и понадежна Дебрца, да се избориме за Дебрца во која секој е важен и секој ќе биде важен. Да се избориме за живот во Дебрца, живот за сите. Дебрца во недела победува.“– истакна кандидатот за градоначалник на Дебрца, од СДСМ и Коалицијата, Зоран Ногачески.

Ногачески потсети на приоритетите кои ќе ги спроведе во општина Дебрца, доколку ја добие довербата од граѓаните.

„Градиме инфраструктура за сите, Дебрца да биде чиста животна средина! Стоп за регионална депонија во Дебрца. Дебрца е светилиште, а не ѓубралник! Локален економски развој, повеќе пари кај граѓаните, можности за сите. Општина на социјална сигурност – повеќе пари за социјални трансфери. Квалитетно образование за сите. Квалитетни и одржливи комунални услуги. Младите во фокусот на локалните политики.”– истакна Ногачески.

Премиерот Заев во своето обраќање пред присутните најави победа во Дебрца уште во првиот круг од претстојните избори.

„Дебрца, комплетно сите села се подготвени да ја поправат грешката од пред неколку години и буквално јас знам дека ќе се врати она време во кое што сите живеевме сплотено, генериравме позитивна мисла, поддававме рака, градевме пријателство, а не да водат општина луѓе кои се буквално со затворени врати, кои бегаат од граѓаните и до кои што тешко се доаѓа.  Јас сум убеден дека оваа мала рурална општина овде блиску до Охрид навистина заслужува сериозни перспективи. Овие прекрасни  луѓе овде, многу едноставни, многу нормални луѓе на чело со нашиот носител на листа за советници Игор Крцоски се репрезенти буквално на цела територија на Дебрца, едноставни луѓе кои што единствено што носат во душа е љубовта кон општина Дебрца. Ќе сработат се за да можат да го унапредат севкупниот квалитет на живот во Дебрца. Давам збор дека повторно ќе ја вратиме слободата во Дебрца. Давам збор дека идната локална власт, ќе има максимална подршка од Централната Власт. Ќе овозможиме повеќе пари за граѓаните, субвенции за земјоделците, средства за поттик на претприемништвото за младите да ни останат тука. Заедно донесовме нов закон за повисока минимална плата од 12 000 денари, закон за стечајни работници, укинување на екстерното тестирање, враќањето на ефтината тарифа и дека повеќе нема да плаќаат радиодифузна такса. После 15 октомври Дебрца ќе си ја врати слободата онака како и што и доликува“. – порача  Заев.

WebOhrid