За локалните избори избирачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право.
Избирачот добива две гласачки ливчиња (за избор на членови на Совет и за избор на градоначалник).
За локалните избори во Град Скопје и општините во Скопје, избирачот добива четири гласачки ливчиња (за избор на членови на Совет на општина, за избор на градоначалник на општина, за избор на членови на Совет на Град Скопје и за избор на градоначалник на Град Скопје).
За гласањето на локалните избори, избирачот се потпишува во изводот од Избирачки список наменет за локалните избори.
Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот.
Гласањето се врши тајно, зад параван.
Избирачот гласањето за избор на градоначалник на општина и на Град Скопје го врши на тој начин што го заокружува редниот број пред името и презимето на кандидатот, а за членови на совет на општина и Град Скопје го заокружува редниот број пред подносителот на листата за која се определил.
Преклопеното гласачко ливче избирачот го става во соодветно обележаната кутија за гласање.
Гласање за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени во членот 112 од Изборниот законик, односно избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со овој Законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите.
Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот број 16.
Заради обезбедување на тајноста на гласањето, на денот на изборите на гласачките места, овластените претставници на подносителите на листите, овластените набљудувачи, членовите на изборните органи и избирачите не смеат да користат мобилни апарати, фотоапарати и други средства за снимање на изборниот материјал и на избирачите кога гласаат.
Извор: НетПрес