Новоизбраниот градоначалник на Општина Дебрца, Зоран Ногачески испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Почитувани граѓани на слободарска Дебрца,
Од ова место, од слободарските Сливовски Анови, од местото каде што во НОБ тргна факелот на слободата и го донесе новото сонце на слободата над Македонија, сакам Ви испратам порака:
Дебрца успеа, граѓаните на Дебрца покажаа дека слободата и демократија се најважна вредност во нашето општество.
Ви честитам на сите што се одваживте и гласавте за промени во нашата општина!
Ви благодарам на сите кои го дадовте гласот за мене и за нашата советничка листа и со Вашиот глас ни дадовте можност да ја водиме општина Дебрца.
Ни дадовте голема чест, но уште поголеми обврски и одговорности.
Почит и кон оние кои не гласаа за мене, потполно го респектирам и нивното мислење.
Ветив и ветувам дека ќе бидам Градоначалник за сите.
Вратите на општината ќе бидат отворени за сите.
Ветив дека општината ќе биде сервис на граѓаните, ќе работам како тие ќе диктираат и по кои ноти тие ќе свират, а јас има да слушам и да работам.
Најавив ново време на одговорна, транспарентна услужна , правична, отворена општина-за сите граѓани и тоа ќе биде така.
Ќе градиме една општина за сите.
Нема повеќе да има делби по нација, вера и партија, ќе ставиме крај на секоја пизма меѓу граѓаните.
Со силна верба, со неуморна работа и посветеност, верувам дека заеднички ќе напредуваме и заедно со сите граѓани, ќе ја реализираме нашата визија за Дебрца.
Не чека многу работа, ќе ги засукаме ракавите и верувајте ќе успееме.
Ќе се избориме за подобра и надежна Дебрца, во која искрено верувам.
Го имате мојот збор!“ – стои во соопштението.