Фондацијата Фридрих Еберт и МППС го одбележуваат Светскиот ден за борба против сиромаштија

Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје и Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) го одбележуваат Светскиот ден за борба против сиромаштијата со најава за отпочнување на заедничка годишна кампања која ќе трае 365 дена односно ќе претставува континуирано подигнување на свеста за проблемот кој опфаќа преку 2 милијарди лица на глобално ниво.

Во услови кога секое трето лице во Република Македонија се смета за сиромашно, државните институции, организациите од граѓанскиот сектор, меѓународните организации како и сите граѓани не смеат да бидат пасивни актери во борбата против сиромаштијата. Владата на РМ а посебно Министерството за труд и социјална политика овој проблем го поставија високо на агендата на Владината и на програмата на ресорното министерство, но потребна е прецизна координираност со локалните самоуправи и со организациите кои ја имаат експертизата за решавање на проблемот со сиромаштијата.

Од тие причини, во следните 365 дена МППС, поддржана од Фондацијата, ќе го отпочне и процесот на мониторинг и на програмите кои во изминатите години беа најавувани од општините и на ветувањата кои ги дадоа градоначалниците за време на локалните избори кои се сеуште во тек. Мониторинг ќе се изврши и на програмите кои ги има и МТСП, а заеднички ќе се идентификуваат начините како најдобро и најефикасно да се координираат тековните процеси на намалување на сиромаштијата во државата.

Искуства, „најдобри практики“ и експерти ќе бидат достапни од земји како СР Германија а вклучени ќе бидат сите организации членки на Платформата кои преку своите активности ќе го дадат својот придонес кон подигнувањето на јавната свест за системско и инклузивно решавање на овој проблем. Исто така, преку проектите на Фондацијата Фридрих Еберт назначени со „Денот потоа“ (на централно и локално ниво), во 2016та и 2017та година се креираа барања кон Владата и градоначалниците кои истите се обврзаа да ги исполнат.

Светскиот ден за борба против сиромаштијата е ден кој не’ потсетува сите дека голем дел од нашите сограѓан(к)и живеат во услови кои се неприфатливи за сите нас – но ова е проблем кој треба да се третира континуирано 365 дена. Денес е „Денот потоа“ и дојде време барањата на граѓаните и граѓанските организации да го најдат своето место во државните политики. Заедно можеме повеќе!