Со презентации на најновите истражувања и анализи направени од различни релевантни субјекти во државата започна првата работна средба на новоконституираната Интерсекторска работна група (ИРГ) за следење на квалитетот на воздухот.
„Да се дијагностицираат причините, состојбите и областите каде треба да се преземат соодветни мерки и на таа основа да се дефинира правецот на политиките се императив на работењето на ИРГ“- истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули во воведното обраќање. Тој додаде дека во постигнувањето на тие цели ќе се вложат дополнителни напори за воспоставување на партнерства помеѓу сите релевантни субјекти и обезбедување на нивна соработка.
Од тука, под слоганот „Сите дишеме (ч)ист воздух“ на оваа прва работна средба се презентираа податоци од најновите истражувања и анализи на податоци, како и методологии за моделирање на податоци од оваа област која во последниве неколку години е „жешка тема“, особено во зимските месеци.
Македонскиот информативен центар за животна средина ги презентираше дисперзионите модели за оценка на квалитетот на воздухот. УНДП ги претстави резултатите од истражувањето за начинот на затоплување на домаќинствата во Скопската Котлина и патоказот за намалување на локалното загадување на воздухот предизвикано од греењето на домаќинствата за периодот 2017-2025, со акцент на иновативниот пристап при работата кој што го става граѓанинот во центарот на активностите. Балкан Енерџи Груп се осврна на намалување на загадувањето во Скопје преку целосна искористеност на централниот систем за топлинска енергија. Со свое видување на состојбите со транспортот, возниот парк во Скопје и влијанието на возачката култура, вештините и навиките врз квалитетот на воздухот во урбаните средини се претстави Институтот за машински конструкции и лабораторија за тестирање на механички карактеристики на машини и возила, додека компанијата ТЕХНОЛАБ го претстави катастарот на загадувачи на воздухот во Скопје и резултатите од спроведени испитувања за квалитетот на воздухот во главниот град.
Интересен е фактот дека податоците добиени од различни истражувања и анализите на разнородни институции презентирани на едно место ја покажаа својата комплементарност, надополнувајќи ја сликата за состојбите со амбенталниот воздух во Скопје.
Како генерален заклучок на средбата се потврди фактот дека проблемот со загадувањето на градот Скопје не може да се реши за една или две години и дека тоа е процес во кој сите, но пред се граѓаните, но и институциите на локално и на централно ниво треба да работат напорно и заедно.
Одлуките кои се носат на централно ниво, треба да ги решаваат проблемите на локално ниво и секоја одлука треба да биде базирана на претходно добро направена анализа. Од друга страна, реализацијата на мерките треба да биде постепена, бидејќи брзото имплементирање на мерките може да предизвика негативни ефекти.