Вечерва на програмата на Скопскиот џез фестивал три концерти: Во Македонската опера и балет ќе настапат популарната американска џез пејачка Ди Александер и возбудливото австриско трио Марио Ром’с Интерзоун, додека на полноќниот концерт во Дансинг – салата на Младинскиот културен центар во Скопје ќе настапи познатиот нигериски саксофонист Орландо Џулиус со Хелиоцентрикс.
Ди Александер е една од најталентираните и најпочитуваните вокалистки од Чикаго и истовремено вистински бисер во недолгата листа на денес најдобрите џез-пејачки во светот. Нејзините таленти се протегаат на секој музички жанр, но сепак, срцето и душата на Александер во најчиста форма се отсликуваат во џез музиката. Во меките, сензуални балади но, и во динамичното „скет – дивеење“ Ди пее со импресивна вокална длабочина и експлозивна драматичност. Последниот проект на Ди, “Songs My Mother Loves”, наиде на одличен прием кај музичката критика. Проектот е посветен на нејзината мајка, но и на музиката која стана толку значајна во нејзиниот живот.
„Mario Rom’s Interzone“ е австриски бенд со просечна возраст под 30 години. Триото што го сочинуваат Марио Ром, Лукас Кранцелбиндер и Херберт Пиркер за многу кратко време доби големо внимание ширум светот. Групата со својата невообичаена инструментација (труба, бас и тапани) се покажа способна виртуозноста и хуморот да ги преточи во една забавна целина, оставајќи впечаток дека се четири, пет или повеќе музичари. Едно е јасно: Interzone свират џез. Сепак, нивно гесло е „сѐ е дозволено“.Во 2017 година тие го објавија својот трет албум „Truth Is Simple To Consume“, којшто го донесе нивното импресивно музичко патување на уште повисоко ниво.
Орландо Џулиус е еден од најзначајните музичари за развојот и популаризацијата на афро-поп музиката. Почнувајќи во шеесеттите години на минатиот век, Џулиус ги соединуваше традиционалните африкански звуци и ритми со оние на американскиот поп, соул и ритам и блуз. Покрај настапите и снимањата во својата родна Нигерија, многу години помина во САД, соработувајќи со Ламонт Дозие, Тhe Crusaders и Хју Масакела. На албумот “Jaiyede Afro”, Џулиус нѐ води назад кон неговите корени, навраќајќи се на неколку композиции од неговите рани години кои никогаш претходно не беа снимени. Како и во нивните незаборавни соработки со Мулату Астатке и Лојд Милер, The Heliocentrics го носат звукот на Орландо во нови, прогресивни насоки, задржувајќи ја сировата градба на неговите рани дела и додавајќи психоделични елементи и авантуристички нови аранжмани.