Зоран Ногачески од денес е новиот градоначалник на општина Дебрца

Градоначалникот Зоран Ногачески денеска од Општинската изборна комисија Дебрца го доби уверението со кое се верификува неговиот избор за градоначалник на Општина Дебрца. Новиот градоначалник Ногачески  од СДСМ и коалицијата доаѓа на местото од досегашниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Игор Трајкоски. 

Со пригоден говор градоначалникот Ногачески изрази задоволство што изборите минале во мирна и демократска атмосфера и им посака успешна работа на новоизбраните членови на Советот на Општина Дебрца.

„Дебрца успеа, граѓаните на Дебрца покажаа дека слободата и демократија се најважна вредност во нашето општество. Ви честитам на сите што се одваживте и гласавте за промени во нашата општина! Ви благодарам на сите кои го дадовте гласот за мене и за нашата советничка листа и со Вашиот глас ни дадовте можност да ја водиме општина Дебрца. Ни дадовте голема чест, но уште поголеми обврски и одговорности. Почит и кон оние кои не гласаа за мене, потполно го респектирам и нивното мислење. Ветив и ветувам дека ќе бидам Градоначалник за сите. Вратите на општината ќе бидат отворени за сите. Најавив ново време на одговорна, транспарентна услужна , правична, отворена општина-за сите граѓани и тоа ќе биде така. Ќе градиме една општина за сите. Нема повеќе да има делби по нација, вера и партија, ќе ставиме крај на секоја пизма меѓу граѓаните. Со силна верба, со неуморна работа и посветеност, верувам дека заеднички ќе напредуваме и заедно со сите граѓани, ќе ја реализираме нашата визија за Дебрца. Не чека многу работа, ќе ги засукаме ракавите и верувајте ќе успееме.  Ќе се избориме за подобра и надежна Дебрца, во која искрено верувам.“– рече новиот градоначалник Зоран Ногачески пред присутните.

Според резултатите од гласањето за изборите, кои се одржаа на 15ти октомври, Ногачески стана градоначалник на Општина Дебрца со победа уште во првиот круг, со освоени 1.785 гласови.

Општинската изборна комисија Дебрца и на новоизбраните членови на Советот на општината свечено им ги врачи уверенијата за избор. Новиот Совет на Општина Дебрца е составен од 11 членови, 6 членови од СДСМ и коалицијата (Игор Крцоски, Даниел Китаноски, Даница Ѓуреска, Петре Голабоски, Николче Таноски и Катерина Левеска), 4 членови од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата (Моника Мацеска, Катерина Пискулоска, Наум Скепароски и Љупчо Ќосески), како и 1 независен советник (Даниел Огненоски).

WebOhrid