Претседателот Иванов со честитка по повод 23 Октомври, Денот на Mакедонската револуционерна борба

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Одбележувањето на празникот на македонската револуционерна борба е симбол на долговековниот непокор и борба на македонскиот народ за слобода, државност и независност.

Корените на македонската револуционерна борба започнуваат со формирањето на Македонската револуционерна организација, на 23 Октомври 1893 година, кога шестемина македонски дејци ги обедини една визија за исполнување на вековниот сон – слободна Македонија. Патот до слободата беше исполнет со предизвици, но нивната сплотеност и решителност за остварување на своите идеали им даде сила да истраат пред тешкотиите.

Пламенот што го разгореа револуционерите го презедоа илинденците, борците во Народноослободителната и антифашистичка борба и АСНОМ-ците кои го остварија стремежот за слободна македонска држава. Без 23 октомври 1893-та не ќе беа можни ниту трите светли Илиндени од 1903-та, 1944-та и 1991-та.

Наша должност е да им оддадеме почит на нашите борци за слобода и независност, следејќи го нивниот пат. Како следбеници на нашите предци, почитувајќи ја историската реалност, треба да создадеме иднина за нашите потомци.

Почитувани сограѓани, нека ни е честит празникот!

Да живее Република Македонија!“– стои во честитката.