Во текот на изминатата недела (21.10 – 27.10.2017) регистрирани се два нови случаи на мали сипаници во Р. Македонија, со што вкупниот број на заболени, заклучно со 27.10.2017 изнесува 19 случаи.
Во однос на местото на живеење, 10 (52,6%) лица од заболените живеат во нас. Маџари-Кванташка депонија, две лица се од Чаир, а по едно лице е регистрирано од с. Кондово, општините Шуто Оризари, Кисела Вода и Бутел. Две лица се со место на живеење во Прилеп односно Струга, но привремено престојуваат и работат во Скопје. Едно од пријавените заболени лица е странски државјанин кое живее во Липљан, Косово.
Симптомите на првиот пријавен случај од мали сипаници се јавиле на 15.09.2017.
Согласно пристигнатите пријави и податоците со кои располага ИЈЗ, според датум на заболување во месец септември се регистрирани 12 (63,1%) случаи, а во месец октомври се регистрирани 7 случаи. Првите случаи заболеле 37-та недела додека најголем број случаите (n=7) се регистрирани во 39-та недела. Во текот на 41-вата недела заболеле 5 лица, а последниот случај е пријавен на 24.10.2017.
Во однос на возраста на заболените лица, два случаи се на возраст под 1 година, кога не подлежат на задолжителна вакцинација против мали сипаници. Најголем број од заболените лица (n=7) припаѓаат на возрасната група од 1-4 години, 5 лица се на возраст над 30 години, две лица се на возраст од 5-9 години, и по едно лице припаѓа во возрасните групи од 10-14 год, 15-19 год и 20-29 год.
На 25.09.2017, ЦЈЗ Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на општина Гази Баба-Кванташка депонија.
Во однос на вакциналниот статус, од вкупниот број на заболени лица (n=19), 73,7% односно 14 лица се на возраст до 29 години и не се вакцинирани со МРП вакцина. Само две од нив не подлежеле на вакцинација додека останатите ја пропуштиле редовната вакцинација. Четири лица се вакцинирани (со една доза на МРП) во тек на вакциналната капања спроведена на 23.09.2017 во Кванташка депонија, додека биле во период на инкубација. Од 5-те заболени лица кои припаѓаат на возрасната група над 30 години, 4 лица се вакцинирани со една доза, а едно лице е вакцинирано со 2 дози. Од нив, 4 лица се здравствени работници или работат во здравствени институции и имале контакт со пациенти заболени од мали сипаници.
Од вкупниот број на регистрирани случаи (n=19), 18 се лабораториски потврдени, а еден е клинички и епидемиолошки поврзан случај. Сите лабораториски потврдени случаи се конфирмирани во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје, само еден случај е лабораториски дијагностициран на КИБФС.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје биле хоспитализирани 14 (73,6%) лица од заболените, а едно лице било хоспитализирано на Клиниката за детски болести. Само кај два случаи од возрасната група од 1-4 години се регистрирани компликации во вид на пневмонија. Четирите лица кои не се хоспитализирани припаѓаат на возрасната група над 30 години.
Вакцинација со МРП вакцина согласно препораките:
Во текот периодот од 25.09-22.10.2017 година, заклучно со 42 недела, на територијата на Р. Македонија беа вакцинирани вкупно 10.548 лица со МРП вакцина, од нив 2.747 со прва доза, а 7.801 со втора доза кај училишните деца.
За овој период, откриени се неевидентирани 104 лица, а пропуштени 748 лица за прва доза и 230 лица за втора доза, и истите се вакцинирани. Од вкупно вакцинираните лица, 48,2% се вакцинирани на територијата која ја покрива ЦЈЗ Скопје.