Денес, во 21 Недела по Педесетница, во Неделата на светите Отци, и на празникот на преп. мч. Лонгин Антиохиски и на преп. Лонгин Печерски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изврши осветување на параклисот посветен на празникот Покров на Пресвета Богородица, во манастирот „Сите Светии“ во с. Лешани, општина Дебарца, Охрид.
Параклисот започна да се гради во 2012 година, а се изгради со манастирски средства и со донациите на сите добронамерни верници. По осветувањето, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Вартоломеј, старешина на манастирот, и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.