Груевски: ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори

Текст од прес конференција на Никола Груевски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани присутни,

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Во текот на денешниот ден на гласање беа забележани огромни нерегуларности, индиции за поткуп на гласачи, партиско агитирање, притисоци, закани и уцени од униформирани и  неунифромирани лица, физичка пресметка,информации за организиран бугарски воз, односно ставање на однапред заокружени ливчиња, гласачки ливчиња од едни општини носени во други со цел да се извадат ливчиња од тие гласачки места за да се спроведе бугарскиот воз, уцени врз земјоделци, вработени во државна администрација…и на сето ова огромен молк од полицијата, која е активен соучесник во овие фалсификувани избори.

Рано изутрина беше грубо прекршен изборниот молк. Денот започна со илјадници флаери кој се дел од црната и лажна кампања на СДСМ, расфрлани по домовите во Кисела Вода, Гази Баба, Бутел. Информациите се дека при делењето полицијата е најверниот чувар на активистите кои ги делеле флаерите.

Во Кисела Вода видовме како таткото на кандидатот за градоначалник од СДСМ јавно порачува дека сега биле власт, можеле 1100 луѓе да избркаат од работа и тоа луѓе од Драчево, доколку не гласаат за СДСМ. Најдиректна уцена и закана.

Медиумите и нашите активисти од терен јавија и за поткуп на гласачи кој е забележан и во населбата Визбегово, во Бутел, каде лично претседателот на СДСМ  во Бутел, Петковски  делел прехранбени намирници во насока на поткуп на гласачи.

На медиумите се појави видео снимка од Штип со објаснување дека се врши организиран поткуп. Човек кој важел за близок до СДСМ си дели пари што упатува дека врши поткуп на гласачи, по ваквиот, полицијата во текот на целиот ден не превзеде ништо за расчистување на овој случај.

Во текот на денешниот ден регистриран е, и спречен обид за бугарски воз во општина Чаир, каде постар човек бил спречен при изнесување на гласачкото ливче од изборното место. Исто така гласачко ливче од Гази Баба е пронајдено на гласачко место во Штип. Методологијата им е разработена. Однапред заокружени ливчиња им се давале на поткупените гласачи кои истото ливче го ставале во гласачка кутија, а го враќале празното ливче дадено од страна на комисијата, со цел истото да биде заокружено од лицата од СДС и така да продолжи кругот на фалсификатот, при предавањето на празното ливче поткупените гласачи ги добивале ветените пари.

Во училиштето „25 Мај“ во скопската населба Синѓелиќ, општина Гази Баба, припадници на полицијата отворено агитирале да се гласа за СДС.

Во општина Македонска Каменица денес припадници на полицијата заедно со братот на кандидатот за градоначалник од СДС, кој не е вработен во МВР запирале возила на патот кон селото Дулица и ги пропуштале само оние кои изјавиле или ги препознале дека носат гласачи на СДС.

Во општина Новаци, припадници на полицијата заедно со активисти на СДС и директорот на битолскиот затвор вршеа притисок врз гласачите.  Им велеле дека доколку не гласаат за СДСМ –цитирам- ќе ве снајде лоша судбина.

Во Бутел како што преносоа медиумите личниот телохранител на Заев заедно со припадници на полицијата врешеше притисок врз гласачите и правел тензија пред избирачко место.

Исто така во Бутел видовме видео снимка каде советник од СДСМ, неуниформиран полицаец, и активисти на СДС отворено се закануваат на граѓани со цел да не излегуваат на гласање. Групно гласање беше забележано во Сарај.

Во кавадаречките села Дреново и Ваташа припадници на полицијата ги заплашувале граѓаните да не излегуваат  да гласаат.

Во текот на денот претседателот на СДС во Кавадарци пред избирачкото место „Слога“ нападнал активист на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил набљудувач на избирачкото место.

Виница денес никогаш не паметела повеќе полиција, вклучително и специјални полициски сили со полно наоружување како што беше тоа денес.

Ова што се случуваше денес не не изненади. Затоа што целата изборна кампања беше во знакот на организирање на криминални избори.

СДС уште во почетокот на првиот круг на кампањата покажаа дека не планираат да спроведат фер и демократски избори. СДС покажа дека не сака да им дозволи на граѓаните слободно да ја изразат својата волја.

Меѓу двата изборни круга полицијата го премолче и сведоштвото на брачниот пар од Демир Капија, кои беа жртва на закани со убиство од страна на активисти на СДС во сопствениот дом, само затоа што кај нив на гости бил кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата молчи затоа што е под директна насока на врвот на СДС.

Вчера и завчера активисти на ВМРО-ДПМНЕ од Чешиново Облешево, и Зрновци беа повикувани на информативни разговори во полициска станица, без наведен основ зошто тоа се прави.

Се забележа полнење на кутии со однапред заокружени ливчиња за СДС со таканаречениот метод на бугарски воз, па така гласачко ливче од Карпош беше најдено во Охрид, ливче од Велес беше најдено во Струмица, од Врапчиште во Гостивар, а во Гевгелија во избирачкото место 334 во записник на крајот од гласањето беше евидентирано дека недостасува по едно гласачко ливче од листата за градоначалник и советници, истото се случи и во избирачко место во Русиново, беровско. Додека пак во Ресен на избирачко место во градот се забележани две гласачки ливчиња со ист сериски број, што укажува дека биле испечатени двојни гласачки ливчиња,  со цел полнење на кутиите со однапред заокружени ливчиња на СДС.

По самото завршување на првиот круг од гласањето видовме пукање со огнено оружје на партиски собир во Шуто Оризари случај кој досега не е расчистен од страна на полицијата, следеше сликање на активисти на СДС со огнено оружје пред партискиот штаб во Бутел, случаи за кои МВР до ден денес не се произнесе. Беше извршен напад со нож врз претседателот на партијата ГРОМ, Стевче Јакимовски од страна на лицето Сеад Рахиќ  кој по нашите информации формално треба да е сеуште во куќен притвор поради случај трговија со дрога, но тоа не е пречка тој крвнички да се пресметува со Јакимовски и луѓе околу него.

Медиумите објавија фотографии како се делат прехранбени намирници во ромското маало Тризла, како се поткупуваат гласачи во неготинско, но и на други места.

Во Гази Баба во село Виниче и во селото Булачани активисти на СДС вршеа поткуп со делење на дрва за огрев. Додека едно лице, познат активист на СДС од Јурумлери, отворено нудело  и давало поткуп кај дел од населението. Медиумите го објавија името на ова лице од Јурумлери, но ниту полицијата, ниту обвинителството, досега се имаат изјаснето ниту пак истото го повикаа на информативен разговор.

Во штипските населби Три Чешми и Баби населението кажуваше дека секој ден доаѓале луѓе од СДС и нуделе пари, а тарифата се движела од 1.000 до 3.000 денари за глас за кандидатот за СДС.

Пред изборите добивме информации како во скопско Тафталиџе активисти кои се преставуваат дека се од СДС и кои нудат пари за гласање на граѓани. Сумите се движат од 3 до 5 илјади денари во урбаните средини. Информации за директен поткуп.

Во Крива Паланка имаме забележано случај на делење на зејтин и се изнесува од полициско возило, а за возврат се бара гласање за СДС.

Во Крушево имаме забележано случаи каде се нудат дрва за огрев, а за возврат се бара да се гласа за СДС.

Во Кочани беше приведен наш кандидат за советник без било какви докази, без било какви аргументи.

Во Шуто Оризари имавме скршен череп на градоначалник и кандидат за градоначалник, а во Кичево е убиен носител на советничка листа. Убиен.

А на ова ако се додадат монтираните пријави против кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои се поднесуваа како од ракав, за смешни и неиздржани работи, со цел да се исплашат или уценат, случаите на притисок врз администрацијата, земјоделците….јасно е дека имаме целосно заробена држава.

Дел од инжињерингот, дел од планот за втерување страв кај народот беа и секојдневните активности на СЈО, кое беше максимално активно во текот на целата изборна кампања, поактивно одколку во времето до 30-ти јуни кога имаа законско право да се активни.Сега иако без законски основ, иако работејки вон закон хараа каде ќе стигнат со цел а ги заплашат и пасивизираат голем дел наши членови или подржувачи, испраќајки порака дека ако продолжат да се активни и кон нив ќе има репресии, особено сега во услови кога судството е заробено, кога тие преплашени за себе, имаме судии кои не се подготвени да се спротистават на било што, колку и да е тоа правично.

Апсењето на Едмонд Темелко, кој ниту избега, ниту планирал бегство, иако ако сакал можел да го направи, освен што е притисок врз него, да го скршат неговиот дух, и да го натераат да прифати се што ќе побараат од него, е истовремено и порака до сите патриотски настроени граѓани и пред се Македонци што ќе ги снајде ако продолжат да се борат за својата земја и ако имаат патриотски пориви. Тој беше уапсен во текот на изборната кампања.

Кривичните пријави за голем број наши градоначалници и кандидати за градоначалници,во текот на изборната кампања, и без никаков сериозен основ поднесени, беше обид не само да се деградираат и да се оцрнат пред гласачите во очи на гласањето, туку и да се испрати порака до пошироката јавност, но пред се до нашите активисти, дека е добро да се се попасивни, или да се повлечат, бидејки ако градоначалникот и кандидат за градоначалник добил кривична пријава во тек на кампањата, тогаш што останува за другите кои немаат никакви функции и моќ. Тоа беше валкана психолошка борба за втерување страв.

Инаку имавме кривични за градоначалници, од типот дека не ја осигурал зградата која платенатата револуција ја обои, па потоа чистењето на зградата се платило од буџетот на општината, а не од осигурителна куќа. Значи нема одговорност за оној кој незаконски оштетувал државен имот, за тоа обвинителството молчи, бидејќи е заробено и под партиска капа, но има одговорност за градоначалникот кој не го осигурал објектот од фарбањата на платениците од т.н. шарената револуција.

Друг градоначалник доби кривична пријава дека наводно некогаш отишол на службен пат со службено возило а заборавил сам на себе да си потпише налог за службено патување.

Трет градоначалник доби кривична пријава, дека наводно неговата приватна градежна фирма подизведувач, по добиен тендер на главниот изведувач, почнала малку порано да изведува со градежни работи, неколку ден пред да се потпише договорот, и со тоа никому не направила штета. Можела единствено сама на себе само да си направи финасиска  штета доколку евентуано не се склучел договорот.

Вакви и слични се и останатите кривични пријави на десетина градоначалници од нашите редови. Важно беше да се пушти кривична пријава и да се говори за тоа, ем тие да се оцрнуваат, ем  да се втерува страв кај нашите активисти и поддржувачи, дека ова е време на кривични пријави и обвиненија, и дека секој може да го снајде истата судбина ако ја налути власта со својата активност.

На овие кривични пријави на кандидатити за градоначалници во периодот кога сеуште како партија правевме селекција на кандидатите, претходеа закани дека ќе добијат кривични пријави наши потенцијални  кандидати за градоначалници, при што неколку од нив подлегнаа на заканите и не информираа дека иако првично прифатија кандидатура, потоа се откажаа откако ги посетила партиска делегација на СДСМ и ги информирала што ги чека ако се нафатат да бидат кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. На некои, следејки ги анкетите,  им отидоа и превентивно уште пред ние да им понудиме кандидатура, исто така со закани најчесто со кривични пријави и обвиненија и дел од нив во самиот почеток се откажаа, дел од нив кажувајки ни искрено и зошто. На нашиот коментар дека немаат ништо сторено и не треба да се плашат, одговараа: па нели гледате дека е лудо време и не треба да си виновен за да одговараш и да бидеш притворен или осуден.

Тоа е крајна злоупотреба на власта, која никогаш досега ја немало во Македонија.

Во оваа кампања, имаше систематски и организиран притисок врз голем број наши претседатели на месни комитети низ цела држава, нешто што во вториот круг зајакна, најчесто со заплашување, со уцена или друг вид на притисок, а во правец на нивно пасивизирање. Вакви притисоци и закани, се вршеа и врз многу наши влијателни активисти и членови, но и други граѓани. Ова беше осмислена, органзирана и систематска операција за нечесно добивање на изборите, со максимална употреба на полицијата, но и на другите државни институции, како инспекциски служби и слично.

Покрај заканата директно кон наши членови, и активисти, како и кон обични граѓани, и покрај користењето на полицијата во партиски цели, сосема јасно е дека во овие избори  во партиска функција, под притисок беа ставени и обвинители и судии, кои пред се заради страв за себе, изрекуваа се што се бараше од нив. И планираат и така да продолжат.

Истовремено, истата методологија на уцена, и втерување страв беше применета кон медиумите. Дел од нив потклекна на притисокот, и речиси и да не информираа во јавноста што се случува на теренот, а дел од нив кои не подлегнаа, веќе подолго време се под прогон, полициски, обвинителски и судски. И планираат со овие работи да продолжат. Е ова е заробена држава. Тие кои бараа повеќе демократија и слобода, покажаа дека се најголемите душмани на слободата и демократијата.

Почитувани граѓани,

Како што кажав во едно мое неодамнешно интервју, дел од гласовите кои ВМРО-ДПМНЕ ги доби на претходните, а не ги добие на овие избори, се заради одредена разочараност или лутина на наши традиционални поддржувачи, заради нивна проценка дека се направени некои грешки или слично од централното или од локалното раководство на партијата, и некои нивни незадоволства поврзани со поединци од нашата партија на различно ниво. Но, тоа е еден дел. Нашата партија во наредниот период ќе треба да направи длабинска анализа, истражување, и се што е неопходно, или да се исправат тие грешки, или доколку не се грешки, а биле разбрани како грешки, истите да се објаснат, на начин кој ќе оцениме дека е најсоодветен. Исто така, за евентуалните грешки, откако ќе ги имаме сите анализи и информации, внатре во партијата ќе ја оцениме одговорноста, и ние од тоа нема да бегаме. 

Но, во Македонија денес немаше избори. Македонија денес се соочи со екстремно недемократски поход по секоја цена СДС и Заев да добијат некаков си легитимитет кој е потребен на некого, за почеток на операцијата за редефинирање на државата по сите основи. И Македонија денес се соочи со најнов жесток напад да се срози и уништи ВМРО, односно да се уништи имунитетот на Македонците и способноста и волјата да си ја одбранат својата држава со државност и државни карактеристики каква што ги знаеме во моментот.

На овие избори ВМРО-ДПМНЕ се соочи со двоен противник. Првиот е СДС кој е легитимен наш политички противник и кој лесно ќе го победевме во фер и демократски услови. Најголемиот политички противник на ВМРО-ДПМНЕ на овие избори беше полицијата, која директно, непосредно, жестоко и брутално се ангажираше во партиска цели и интерес на СДС, како и раководителите на целокупниот државен апарат кој вршеше дрзок и нечовечки притисок врз администрацијата, земјоделците, социјално ранливите категории, па дури и врз наставниците и лекарите кои треба да се интелектуалното јадро на оваа држава.

Македонската полиција, која секогаш ја имаше нашата почит и поддршка и која и понатаму ќе ја има нашата почит и поддршка, за жал падна на испитот. Заради прифаќањето на еден дел од полицајците, не сите, еден дел од полицајците да одработат партиски,  падна на испитот целата полиција, таа падна под жестокиот притисок на една партиска врхушка која е инсталирана во МВР, и претставува класична партиската полиција, класична СС бригада на Заев и Спасовски. Ние ги знаеме сите околу 300 лица кои се дел од оваа инсталирана врхушка и партиска полиција и која го спроведе овој заговор со кој се осквернави македонската полиција, што беше можеби и нечија цел. Партиски полицајци на СДС сквернавејќи ја полициската униформа брутално се конфронтираа со македонскиот народ. Ние ги знеме сите овие лица кои ја киднапираа полицијата, сите се уредно документирани, и по враќањето на ВМРО на власт ќе се соочат со санкции согласно закон.

Македонскиот граѓанин не заслужил ваков третман, вакво понижување и вакво изборно насилие.

Во Македонија се случија мафијачки ибори. Криминалци во партиска служба во спрега со државниот апарат.

Кој и што да каже, кој и што да опонира, кој што и да го нападне овој мој говор, за што сум свесен дека ќе се случи затоа што тоа е дел од одработувањето на медиумската машинерија на СДС, што и да прават, колку и ОБСЕ да напише најпофален извештај, колку и да добиваат пофалби од меѓународната заедница, на секој еден граѓанин во оваа земја, потенцирам на секој еден граѓанин му е јасно, совршено јасно дека фер и демократски избори во Македонија немаше, имаше, закани, уцени, притисоци и огромен поткуп, а со сето оваа и еден вид терор врз граѓаните во правец на нечесно добивање на изборите.

Не само нашите активисти и членови, туку и членовите на Извршниот Комитет на партијата, на Централниот Комитет и пратениците беа секојдневно на терен и го констатираа истото во директна комуникација со илјадници граѓани.

И на најжестоките членови на СДСМ, за кои сакам да кажам дека ја имаат нашата почит како противник, им е јасно дека ова е насилие врз еден народ и дека денес ние од ВМРО, нивните комшии, сограѓани, можеби и нивни роднини и пријатели, сме жртви на едно насилие,  ама се свесни дека тркалото се врти и сигурно не се среќни со ова што нивната врхушка го прави, и сигурно и покрај еуфоријата сепак се прашуваат што ќе биде кога ќе дојде време за сведување на сметките. Веднаш ќе им кажам, нека не се плашат, никој нема да ги допре нив, никој нема да допре некој човек кој не се огрешил, ама инсталираните марионети од нивната врхушка кои се организатори на овој невиден државно насилство ќе сносат одговорност.

Ќе одговараат затоа што ова не беше само силување на демократијата, ова беше брутално силување на државата Македонија. Тие дела не застаруваат, тие секогаш ќе бидат во колективната меморија на македонските граѓани, во луѓето, во семејствата, и кога е така неминовно е дека правдата ќе дојде и правдата ќе биде задоволена. Еден од нас ќе остане, еден од нас да остане, еден од ВМРО да остане, а ќе останат и повеќе бидејќи немате сила да не уништите сите, еден да остане – ќе ја врати правдата и ќе им ја донесе правдата каде и да се наоѓаат! 

Заев и СДС сакаат да лапнат преголем залак, ама ќе си ги скршат забите! Ова битка допрва почнува. Во ситуација кога се гази државата, кога се силува демократијата, кога се врши  изборно насилие, во отсуство на било каква реакција на органите да се заштити граѓанинот и државата, ние сме принудени да се саморганизираме. И да се бориме, нашата борба е света должност бидејќи се бориме за правда. Ние не сме причината за оваа битка за Македонија, нашата акција е само реакција на изживувањето кое го прави една хунта која е насилно донесена на власт. Тие ја отворија оваа врата, ние не сме причината за битката, ама ние сме средството со кое што Македонија ќе победи.

Од утре, од утре ќе бидеме сведоци на една нова пеколна тура на нови изживувања, нови малтретирања, спектакуларни акции на партиската СС полиција за апсења на политичките противници, носење на лица во притвори и затвори, затоа што тие мислат дека на тој начин ќе не скршат, дека сега е време да го решат ВМРО, пред да ја решат Македонија. Се лажат, ние ќе издржиме. Ние не се плашиме од вашиот терор, ние сме ВМРО и ние ќе го поразиме тоа Ваше насилие.

Ние разбираме дека историјата има циклуси и се повторува, дека дел од нашата епопеја подразбира и да бидеме и шиканирани, и да бидеме оцрнети, клеветени, бркани од работа, тепани, притворани, затворани, убивани, и ние смело влегуваме во оваа мисија не стравувајќи ни за момент за нашиот живот, ние сме навлечени на Македонија и таа љубов вреди, таа љубов Заев не може да ја разбере, таа љубов вреди, вреди и жртва и саможрвта, вреди да се бориш за Македонија.

Ако ние не се бориме денеска, утре вие почитувани граѓани, и оние кои не подлегнавте и оние кои подлегнавте на притисоците и понудите, утре и вие ќе бидете жртва на теророт на хунтата на Заев. Ова изборно насилие, само ќе се зголемува бидејќи мислат дека се недопрливи и се влезени во неоснован и неправилен триумфализам. Нашата борба е и борба за вас.

Сакам да објавам, дека заради изборно насилство и силување на демократијата и силување на државата, заради констатирани, евидентирани и документирани изборни нерегуларности, заради бруталниот терор што се вршеше во овие пет недели, заради нечовечките закани, бруталните притисоци, масовниот поткуп, заради кривичните дела кои ги направија во изборите, и согласно одлуката на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ не ги признава овие избори и нема никогаш да ги смета за фер и демократски избори.

Покрај тоа што не ги признаваме овие избори за фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ бара итно враќање на демократијата и достоинството во земјата. Бараме:

1. организирање на предвремени парламентрани избори согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, на исти начин како што беа организирани парламентарните избори на 11 декември 2016 година. Ајде Заев ако си толку силен и јак, да одиме на избори. Ако ние можевме да спроведеме избори по овој модел, најмалку што можеш е и ти да се согласиш да одиме на избори по истиот тој модел.

2. Итна смена на директорот на Агенцијата за аудиовизулени и медиумски услуги, и избор на директор на оваа значајна институција по предлог на опозицијата.

3. Оставка од претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, враќање на старото законско решение и избор на претседател на ДИК од редовите на опозицијата, бидејки под плаштот на независен експерт, всушност се инсталираше личност која не работеше правично и чесно, туку по инструкции на друг,

4. Итна истрага и вештачење со наше учество на уредите за прислушкување на УБК, заради основано сомнение дека полицијата врши прислушкување на најмалку 100 лица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

5. Итно и без пролонгирање завршување на судењето за случајот Поткуп, во кој Заев на очиглед на целата јавност бара мито во висина од 200 илјади евра

6. Основање на специјално јавно обвинителство кое ќе има ингеренции за расчистување на изборните нерегуларности од изборите во 2016 и изборите во 2017 година, како и на злоупотребата на целокупниот државен апарат во изборни цели за овие избори

7. Откако се виде дека масовно се ослободуваат сторители на тешки кривични дела, бараме итно ослободување на лицата кои се во притвор и прекинување на процесите против сите граѓани за случувањата на 27 април 2017 година.

Ајде да видиме кој е за демократија, за правда и слобода а кој не е. Кој е силен, а кој не е силен. Кој е во право а кој не е во право. Ако Заев има барем минимум доблест и човечко достоинство треба веднаш и без одлагање да ги прифати сите овие 7 точки.

Подаваме рака пред да е предоцна. Македонија оди во лош правец, а хунтата на Заев ја турка во опасно сценарио, во сериозни ризици и големи опасности.

На крајот би го кажал и ова. Ова не е новина, нам, на ВМРО-ДПМНЕ ваков изборен грабеж и вакви изборни нерегуларности, ваков терор и изборно насилије ни се случи и на изборите во 2004 година, кога беше украдена демократијата а изборите беа брутално фалсификувани. После тој изборено насилство во 2004 година, ВМРО-ДПМНЕ ја освои огромната доверба на народот и во 2006 година победи на парламентарните избори! Оваа денешна битка, битка за Македонија, тукушто почна. Времињата ќе се променат, Македонија мора да победи.

Да живее ВМРО!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да живее Република Македонија!