Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одржа предавање на престижната Оксфордска унија.
Основата на помирувањето е почитувањето. Тоа е обврска на вашата генерација, бидејќи вие сте генерација што живее глобално, секој ден сте во контакт со други култури, други религии. Сфатете дека другиот не сака да биде толериран, туку сака да биде почитуван, рече претседателот Иванов, во своето предавање.
Говорејќи за предизвиците на современиот свет, претседателот Иванов пред студентите на Оксфорд посочи на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. „Кај нас од секој пат владеела филозофијата на почит. Не сакам да ме толерираш, сакам да ме почитуваш. Почитувај ме во тоа што сум, за да тебе те почитувам. Ние шест века ги почитуваме муслиманите, затоа што и тие нас не почитуваат”, рече македонскиот претседател.
Говорејќи за глобалните предизвици со кои се соочува Светот, Претседателот Иванов се осврна на тн. постсостојби отсликани во постдемократијата, посткапитализмот и постнационалната држава, како и за прашањето на миграциите што го нарече „современ номадизам”. Во моментов се случува нова голема преселба на народите, посочи македонскиот претседател.
„Низ Македонија поминаа милион мигранти во 2015 година. Ние колку што можевме им помагавме на тие луѓе. Но кога мигрантскиот бран почнаа да го користат терористи, екстремисти, да го користат луѓе кои дојдоа во Европа и ги направија терористичките акти кои почнаа од Париз, ние ја затворивме границата и кажавме дека право на азил имаат бегалци, а не економски мигранти. Бегалците се тие што бегаат од своите домови. Од нашиот регион речиси 1000 странски борци отидоа во Сирија и во Ирак. 60 отсто од нив се вратија. Од Европа околу 6000 странски борци се отидени во Сирија. Тие сега се враќаат. Отишле како екстремисти, се враќаат како терористи. Ние бевме убедени дека тие можеме да ги дерадикализираме. Не. Се виде дека тие не можат да се дерадикализираат, туку тие треба да се изолираат, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател резимираше дека на прагот на третиот милениум, моќта од државата мигрира кон заедниците, Светот е сè повеќе меѓусебно дигитално поврзан, а различноста од Истокот мигрира кон Западот, што ја наметнува потребата различните светови да учат едни од други за да се надополнуваат. „Јас како поранешен професор, а сега претседател, се обидувам сите нови идеи да бидат применети и на регионално ниво, и на европско ниво, и кога имам можност, во Обединетите Нации ги кажувам предизвиците на нашата генерација и обврската каков свет ќе ви оставиме вам. Затоа секој треба да има свој удел и да придонесува животот на целата планета да биде секој пат подобар, а не полош”, рече претседателот Иванов.
Предавањето на македонскиот претседател го следеа студенти и професори од реномираниот британски Универзитет. Претседателот Иванов оствари средба и со претседателот на Универзитетот „Оксфорд”, Лорд Крис Патен.
Оксфордската унија била основана во 1823 година со цел да ја заштити слободата на говорот во Англија, а денеска претставува едно од најпрестижните студентски општества во светот. Оксфордската унија била домаќин на многу светски лидери во повеќе области, меѓу кои американските претседатели Реган, Никсон и Картер, Сер Винстон Черчил, Алберт Ајнштајн, Џон Мејџор, сенаторот Берни Сандерс, Малком X, хуманитарките Малала Јусафзаи и Мајка Тереза, Далај Лама, Сер Елтон Џон, Мајкл Џексон, Морган Фримен и други. Дебатите и предавањата на Оксфордската Унија ги пренесуваат голем број реномирани светски медиуми, BBC, CNN, New Delhi TV, Russia Today (RT) и повеќето британските национални весници и меѓународни публикации, вклучувајќи ги Њујорк тајмс и Економист.