Во тешка сообраќајна несреќа на улицата „15 Корпус“ едно лице го загуби животот

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што рано утрово околу 05 часот и 30 минути се случи на улицата „15 корпус“ во Охрид. 

Ранко М. (51) од Охрид на лице место им подлегна на повредите во момент кога патничко моторно возило „Опел калибра“ со швајцарски   регистарски таблички, управувано од Ф.К. (31) од Охрид, директно со десниот преден дел удрило во сега починатиот кој управувал моторцикл марка „Џилера“. Сударот се случил кога сега починатиот се обидел со моторциклот оставен на левата страна од коловозот да се приклучи во правец кон селото Лескоец.  Притоа патничкото моторно возило директно удрило во левата страна од моторциклот. 

На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на истражен судија и заменик јавен обвинител како и полициски екипи од СВР Охрид. Кај возачот полициските службеници утврдиле 1,07 промили алкохол во крвта. Тој е приведен во полициска станица.  

Во текот на денешниот ден, по наредба на истражен судија, врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.