Охридската гимназија избра најповолна понуда за ученичката екскурзија во Прага

Во легална и законска процедура, на состанок одржан на 27 Август оваа година, Училиштето за средно образование „Св.Климент Охридски“ ја избра туристичката агенција „Балкан Нет“ од Струга како најдобра понуда за организирање и спроведување на ученичката екскурзија за Прага што треба да се реализира кон крајот на идниот месец.

„Туристичката агенција „Балкан Нет“ понуди најповолна цена за целокупната организација на екскурзијата. Таа изнесува 12.850,оо денари по ученик и вкупно 23 гратиси од кои 13 се за категоријата социјално ранливи групи ученици“. – соопшти в.д. директорот на охридската гимназија, Никола Тренески.

Најниската понудена цена, како што вели Тренески, согласно насоките на министерството за образование за организирање ученички екскурзии, е првиот критериум за избор на туристичка агенција што ќе ја реализира ученичката екскурзија.

Училиштето за средно образование „Св.Климент Охридски“ во согласност со упатствата од министерството, навремено оформи комисија од седум членови во која се претставници на професорите и на советот на родители. Комисијата на 23-ти овој месец ги разгледа пристигнатите осум понуди од туристичките агенции.

Притоа, за две од нив констатира дека имаат некомплетна документација согласно распишаниот тендер и дека по разгледувањето на останатите понуди од страна на правната служба на училиштето, на комисијата ќе им биде доставена на повторно разгледување и гласање.

„Напоменувам дека на нашиот јавен повик за прибирање понуди пристигнаа  осум понуди меѓу кои и понуда на туристичката агенција од Охрид на која неодамна, поради нецелосна понуда согласно условите на тендерот, и беше поништен договорот за организирање на екскурзијата.

На овој начин, сакам да ја запознам охридската и пошироката јавност за целокупната постапка и вистината околу изборот на агенцијата организатор на екскурзијата. Сакам да напоменам дека сме отворени кон јавноста и дека искрено работиме во интерес на учениците и нивните родители. Ние ја одбравме наевтината цена што секако е во корист на семејните буџети на нашите ученици“. – напомна Тренески.

Како илустрација дека се работи во интерес на учениците, Тренески го наведе податокот дека на претходниот јавен повик за истата екскурзија и истата дестинација распишан од претходното раководство бил поскап за околу 6000 евра, само за споредба ученичките екскурзии во претходните години биле со уште повисоки цени од последната понуда.

„Со тоа се наметнува прашањето во чии џебови  завршувале тие пари и зошто исти понудувачи за период од еден месец нудат цена разлика од околу 6000 евра. За кого биле наменети тие пари? Сакам јасно да дадам до знаење додека на чело на ова училиште се наоѓа овој раководен тим интересот на децата и родителите ќе биде пред интересот на поединци без разлика за тоа колку поради тоа ќе не обвинуваат“. – истакна Тренески.