Со повеќе активности се одбележа Детската недела во ОУ „Св.Климент Охридски“

Неделава, со повеќе активности, преку креативни работилници во ОУ „Св.Климент Охридски“ – Охрид, се одбележа Детската недела. Во понеделникот се одржа поетско творење на тема „Сите сме едно – растеме заедно“, а беа прочитани повеќе лични творби составени од учениците од трето, четврто и петто одделение. Од оваа активност произлезе збирка со детска поезија посветена на децата и играта. Во вторникот во спортската сала Билјанини извори, се спроведоа спортски игри.

„Учествуваа ученици од третите одделенија при ОУ „Св.Климент Охридски“ Охрид, во одлична организација на професорката по ФЗО –Кате Стојаноска и директорот на ЈП „Билјанини Извори“ Иван Цветкоски. Во салата  весело одекнуваше детската смеа и џагор, а учениците играа се забавуваа и се натпреваруваа. Средата беше исполнета со ликовни работилници со учениците од второ, трето, четврто и петто одделение. Тема на ликовното творење беше детското дружење, соработка, помагање и почитување, како и детските права. Од оваа работилница беше уредена училишна изложба на детски ликовни творби“, – истакна директорот на ОУ „Св.Климент Охридски“, Јордан Пуроски.

Како што вели Пуроски, детската нeдела се одбележа и по часовите, со слободна игра на учениците од училиштето, во училишниот двор. Активностите завршија денес со приредба организирана во чест на приемот на првачињата во Детската организација. На првачињата им беа доделени детски пасоши и значки.