Електронско давање под концесија на ловиштата, поголема транспареност и отвореност

 Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на прес-конференција истакна дека Владата на Република Македонија го усвои Предлог законот за измена и дополнување на Законот за ловство.

 Суштината на предвидените законски новини се состои од обврската во идниот период во сите постапки за концесија на ловиштата задолжително да се применува електронската аукција. На овој начин се обезбедува полна транспарентност на процесот, соодветна отвореност на постапката во насока да се обезбедат што поголем број на субјекти кои би конкурирале за концесионирање на ловиштата, се спречува било каква можност за субјективизам, влијание или пак протекционизам, и се создаваат услови за постигнување на што повисока цена на концесиски надомест која идниот концесионер би ја плаќал на државата, што пак е од интерес за општеството затоа што средствата од концесискиот надоместок државата ги алоцира за задоволување на општествените потреби.

 Со предвиденото законско решение постапката за издавање на ловиштата под концесија започнува со носење одлука од страна на Владата за почеток на постапката, во која се наведува бројот на ловиштата кои се предмет на конкретната концесиска постапка, и описот на ловиштата.

Понатаму Владата ја утврдува и усвојува и тендерската документација за постапката за концесионирање, по што се распишува јавен повик за концесионирање на ловиштата. При утврдување на тендерската документација, битен момент е тоа што Владата, врз основа на ловно стопанската основа ја утврдува сумата на таканаречен минимален концесиски надоместок. Тоа не е финалната сума која би ја плаќал концесионерот, тоа е само сума која служи како ориентир за субјектите кои конкурираат на јавниот повик за да ја формулираат нивната сума на концесиски надоместок која ќе ја понудат во јавниот повик и која сума задолжително треба да е повисока од сумата на минималниот концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација.

 Јавниот повик трае триесетина дена, и по неговото завршување Комисија формирана од Владата ги разгледува понудите, од аспект на општите услови за конкурирање (економска, правна способност..) и од аспект на понудените суми за концесиски надоместок. Оние субјекти кои ги исполнуваат општите услови и кои во своите понуди истакнале сума на концесиски надоместок која е повисока од сумата на минимален концесиски надоместок кој е предвиден во тендерската документација се стекнуваат со правото и можноста да учествуваат на електронската аукција која е финална фаза во одлучувањето кој субјект ќе се стекне со правото на концесија на односно ловиште. Притоа, она што е особено битно е дека почетната сума на електронската аукција ќе претставува највисоката сума на концесиски надоместок која еден од понудувачите ја истакнал во неговата апликација која ја поднел на јавниот повик.

 Кога би го претставиле ова низ пример би изгледало вака:

 Државата во тендерската документација, врз основа на ловно стопанска основа предвидува сума на минимален концесиски надоместок од 100 единици. Понудувачите на јавниот повик треба да поднесат нивна понудена сума за концесиски надоместок која е над оваа сума од 100 единици. Хипотетички доколку на повикот се пријават пет субјекти, од кои два понудиле сума од 105 единици, еден од 108 единици, еден од 110 единици, а еден од 115 единици, тогаш сите овие понудувачи имаат можност да учествуваат на електронската аукција на која што почетната сума за наддавање ќе изнесува 115 единици. 

Понудувачите кои на јавниот повик ги исполниле условите за учество на електронската аукција, добиваат известување за денот и времето на одржувањето на електронската аукција и број за влез и пристап во системот на електронска аукција за да може да се надаваат. Надавањето се врши со чекори на наддавање, а чекорот на наддавање треба да изнесува 5% од почетната сума. Оној понудувач кој предложил највисока сума на концесиски надоместок се здобива со можноста да склучи договор за концесија и да стопанисува со ловиштето, а за склучувањето на договорот тој треба да поднесе доказ за материјално технички услови(број на вработени, опрема, оружје и останати ставки согласно закон) во период од 60 дена, по што и конкретно се склучува договорот. Доколку ги поднесе овие податоци и во пократок рок, тогаш и договорот би се склучил побргу.

Концесискиот надоместок кој концесионерот го понудил на електронската аукција и склучил договор за концесија на ловиштето, за малите ловишта кај кои периодот на концесија изнесува 10 години го плаќа на 10 еднакви годишни рати, а за поголемите ловишта кај кои периодот на концесија изнесува 20 години го плаќа на 20 еднакви годишни рати, при што ратата за секоја година тој е должен да ја уплати до 30 јуни во тековната година.

Во моментот од околу 150 ловишта околу стотина се стопанисуваат. Очекуваме во период од еден месец по донесување на законските измени од страна на Собранието, да се отпочне со постапката за концесија на околу дваесет до триесет ловишта во десетина ловни региони, а понатаму да се распише и постапка за концесија на преостанатите дваесетина ловишта. Тоа би значело нови можности за бизнис заедницата, бидејќи стопанисувањето со ловиштата е доходовно и може покрај основната дејност да се надополнува и со профит од дополнителната дејност во врска со ловниот туризам. Сите субјекти кои имаат интерес за стопанисување во оваа сфера имаат можност уште отсега да се подготвуваат и да создаваат конкурентна предност која е потребна за потенцијално да се стекнат со правото на стопанисување на ловиштата.