Во Охрид се одржува работилница „Регионална соработка за поефикасен одговор во борбата против трговијата со луѓе во Југоисточна Европа“

„Координацијата која Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и Секретаријатот како извршно тело ја остварува, како и целокупната енергија и напор вложени во борбата против трговијата со луѓе, овозможија значително зајакнување на капацитетите и поголема успешност во борба против трговијата со луѓе. Радува фактот дека истите даваат позитивни резултати, со што трговијата со луѓе значително е намалена во однос на десетина години наназад. Воедно, дополнителна сатисфакција од сработеното е признанието кое Стејт Департментот на Соеднинетите Американски Држави го дава на Република Македонија, со тоа што пет години по ред ја става земјата во првата група, односно во групата ТИЕР 1 – земји што целосно ги исполнуваат стандардите во борбата против трговијата со луѓе, признание кое малку земји го имаат добиено“. Ова, денес го истакна Анастасија Илиеска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија на Работилница „Регионална соработка за поефикасен одговор во борбата против трговијата со луѓе во Југоисточна Европа“ што се одржува во Охрид.

MARRI_Konferencija01

„Во изминатите 11 месеци до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, поднесени се 3 Кривични пријави за трговија со луѓе и трговија со дете, при што пријавени се 4 сторители, од кои едно лице е од женски пол. Од страна на институциите идентификувани се 8 жртви на трговија со луѓе од кои 6 лица се малолетни, 2 полнолетни од кои едно е од машки пол. 7 се државјани на Република Македонија, а 1 е жртва од странство која добила дозвола за привремен престој во нашата земја. Најзастапен вид продолжува да биде сексуалната експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација. Од вкупно 8 жртви, 5 се екплоатирани во Скопскиот, една во Пелагонискиот регион, додека 2 наши државјанки се експлоатирани во странство (Словенија и Италија). Во Центарот за жртви на трговија со луѓе сместени се 6 жртви на трговија каде имаат добиено првична помош и заштита“, нагласи Илиевска.

Според Трпе Стојаноски, директор на МАРРИ регионалниот центар во Скопје, идејата на оваа дводневна средба на земјите од регионот е да се презентираат националните искуства , добрите практики и сивите зони на кои наидуваат државите кога се соочуваат со проблемите на трговијата со луѓе. Стојаноски смета дека контактите меѓу институциите, како и личните контакти меѓу надлежните во оваа проблематика се многу значајни и придонесуваат за зголемување на довербата, а со тоа и развивање на нови методи на делување пред се на брзата размена на информации која во многу случаи знае да го скрати времето потребно за реакција.

„Феноменот на трговија со луѓе кај нас бележи надолна линија, но има и осцилации во тој дел. Затоа не може да се анализира само проблемот на трговија со луѓе изолирано, од другите, би рекол сродни области, како што е криумчарењето на мигранти или нерегуларната миграција коишто имаат драматично зголемување на статистичките бројки“, заклучи директорот Стојаноски.

Инаку работилница „Регионална соработка за поефикасен одговор“ ја следат 35 претставници од земјите од регионот и меѓународни организации кои работат на полето на сузбивање на трговијата со луѓе.