СК „Охрид“ со 11 свои стрелци учествуваше во шестиот Куп во гаѓање со воздушно оружје

Повеќе од успешно заврши натпреварувачката сезона за стрелците од СК „Охрид“ кои настапуваа на меѓународна програма по Календарот на МССФ во Македонија. 

Вчера на новоотвореното стрелиште во училиштето Раде Јовчески Корчагин во Скопје се одржа шестиот, а воедно и последен Куп во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма, на кој СК „Охрид“ зеде учество со 11 свои стрелци кои го обезбедија следниот пласман:

Во конкуренција на мажи Михаил Шишкоски го освои првото место со нов државен рекорд од 601,8, со што заслужено ја докажа титулата Државен првак и рекордер на Македонија за 2013 година. Горан Здравески со 575,7 се пласира на третата позиција, а Мартин Гоџоски во јуниорска конкуренција заврши како второпласиран односно како шестопласиран во севкупен пласман мажи со резултат од 551,9 кругови. Пријатно изненадување приреди Маркоски Ѓоко за кого ова е трет настап на меѓународна програма, испукувајќи резултат од 545,5 кругови.

Кај девојките Нина Балабан заврши како првопласирана во севкупен пласман со резултат од 406,1 со нешто помалку од 3 круга од државниот рекорд за жени, и со тоа ја зацврсти својата позиција како апсолутен победник во женска конкуренција за 2013 год. (Нина исто така е Државен првак и рекордер на Македонија за 2013 год.) Изненадува добрата форма на Ангела Алексоска која со 381,3 кругови се пласира на третата позиција во јунорска конкуренција, односно 6-то пласирана во севкупен пласман.

За Шишкоски, Балабан и Алексовска ова сепак не е последниот натпревар за 2013 година, бидејќи истите ќе настапат на  38-то Интернационално првенство на Белград (Белград Трофи и Гранд Прих на Белград) што ќе се одржи наредниот викенд во „Хала спортова“ во Белград.