Александар Џикиќ официјално претставен како нов селектор на А кошаркарската репрезентација

Српскиот тренер Александар Џикиќ денеска пред бројните присутни медиуми беше промовиран како нов селектор на кошаркарската репрезентација на Македонија. Првата и главна цел, како што најави, е добар настап на квалификациите и пласман на Евробаскетот во Украина 2015 година.

„Особена чест ми е да бидам селектор на репрезентацијата која доаѓа од земјата која ја сака кошарката“, изјави 42-годишниот стратег.

„Иако сум, тука не се чувствувам како странец и верувајте ми дека ќе направам се да ја оправдам довербата која ми ја дадоа луѓето од Федерацијата и која навистина ми значи. Она што е сигурно е дека не чека доста работа, но имаме и време и се надевам дека ова ќе биде една одлична соработка, која верувам дека ќе ни донесе добри резултати“, продолжи Џикиќ.

По најавата и краткото претставување, на кое Претседателот на МКФ, Даниел Димевски информираше дека договорот со Џикиќ е со времетраење од две години, медиумите поставија повеќе прашања низ кои имаа можност подобро да се запознаат со планот и начинот на работа на новиот селектор.

„Уште утре почнуваме со работа. Во наредниот период, формациски детално ќе ја проанализираме репрезентацијата, за да видиме на кој дел треба да обратиме повеќе внимание и на што треба да се фокусираме. Нема да има таканаречено „насилно подмладување“ на тимот. Подмладувањето е процес кој што е нормален и кој што треба да оди постепено и плански и тоа истовремено да не се одрази на резултатите. Ќе разговараме со сите кошаркари и никого не сакам да отпишам предвдеме. Јас и досега редовно ги следев македонските кошаркари низ настапите за своите клубови и мислам дека имаме добра појдовна точка за да одиме напред“, изјави Џикиќ.

Запрашан за планот на подготовките, Џикиќ дополни: „Планираме да имаме неколку собири со помладите кошаркари нешто порано од официјалниот прв собир на репрезентацијата. Ќе сакам да видам подетално со што располагаме и кој ќе може пред се физички да го држи чекорот со работата на сениорската селекција“.

За шансите Македонија да се пласира на завршницата од Евробаскетот во Украина, Џикиќ беше категоричен: „Мислам дека во голема мера зависи од ждребката, но независно од тоа, Македонија има квалитет и има тим кој може да оди во Украина. Тоа е првата и главна цел во овој момент. За Украина можеме да зборуваме откако сето ова ќе заврши. Дотогаш, мислите ни се единствено на квалификациските натпревари. Секое долго патување почнува со првиот чекор. Сакам да одиме полека, но сигурно“, констатираше селекторот.