Новости во законот за данокот на додадена вредност

Врз основа на измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на РМ“, бр.12/14 и бр.46/2014), објавени се следните Правилници:

  • Правилник за содржината и начинот на водење на евиденцијата за прометите на инвестициско злато – во кој се пропишани обврските за водење на евиденција за даночните обврзници кои вршат промет со инвестициско злато (преземи тука);
  • Правилник за формата и содржината на даночната пријава на данокот на додадена вредност (преземи тука);
  • Правилник за формата и содржината на Извештајот за извршените промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот (преземи тука).

Нов образец ДДВ-04

Даночните обврзници кои поднеле даночна пријава на ДДВ за месец февруари на стар образец ДДВ-04 и немаат примен или извршен промет на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот согласно член 32-а од ЗДДВ, немаат обврска да поднесат даночната пријава на ДДВ за соодветниот даночен период на нов образец.

Даночните обврзници кои поднеле даночна пријава на ДДВ за месец февруари на стар образец ДДВ-04, а имаат примен или извршен промет на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот согласно член 32-а од ЗДДВ, имаат обврска да поднесат ДДВ пријава за соодветниот даночен период на новиот образец.

Извештај за извршени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот (образец ДДВ-ИПДО)

Даночниот обврзник кој врши промет на добра и услуги, за кој даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот, има обврска да изготви Извештај за извршени промети на добра и услуги за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен прометот (образец ДДВ-ИПДО).

Извештајот се доставува со пријавата ДДВ-04, за прометите извршени во соодветниот даночен период за кој се однесува ДДВ-пријавата.

Одлука за определување на добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна на друг даночен обврзник

Во „Службен весник на РМ“ бр.45/2014 година, објавена е Одлуката во која се определуваат добрата и услугите за кои даночен должник е даночниот обврзник кон кого е извршен промет од страна на друг даночен обврзник.

Во оваа Одлука се наведени добрата и услугите поврзани со градење, вклучувајќи одржување и реконструкција на градби или нивни делови, видовите отпаден материјал и недвижностите во извршна постапка или во постапка на присилна наплата по пат на јавно наддавање врз кои се применува Reverse charge механизмот.