Кривична пријава за лица од Дебар поради злоупотреба на службената положба

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Бесправно градење“, полициската станица од Дебар против П.П. (61) и Г.Ц. (50) двајцата од Дебар, поднесе кривична пријава.

Пријавениот П.П. во својство на раководител на Секторот за урбанизам и комунални рабооти во Општина Дебар и Г.Ц. како архитект во општината, во периодот од 24 до 27 декември 2013 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување со пречекорување границите на своето службено овластување и како надлежни за вршење на работите од уредување на просторот, од инвеститорот З.Б. од Дебар, спротивно на условите предвидени со деталниот урбанистички план (ДУП) прифатиле и одобриле основен проект за градба на стамбено деловен објект од втора категорија на ул. „Братство-Единство“ во Дебар.

Тоа го направиле иако увиделе дека проектот предвидува градба на станбено деловен објект со димензии во висина поголема за 1,86 односно 3,53 метри од предвидените со ДУП на посочените катарстарски парцели. Пријавените, свесно и спротивно на одредбите од Законот за градба и Законот за просторно и урбанистичко планирање, се согласиле со таквиот основен проект и потпишале дека доставената документација односно основниот проект е во согласност со ДУП. На тој начин инвеститорот наместо поткровје изградил цел кат. Ваквата состојба е констатирана и од општинскиот овластен градежен инспектор при вршење инспекциски надзор за што на 28 март 2014 година е составен Записник.

Со тоа, по основ на разлика на цена за метар квадратен на стамбен простор и поткровје и нереално исплаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште, на З.Б. и овозможиле противправно да се стекне со имотна корист во износ од 1.531.248,оо денари и со тој износ го оштетиле буџетот на Република Македонија.