Луксембург 1:0 Македонија

Македонската фудбалска репрезентација денес го одигра седмиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2016 кое ќе се игра во Франција.

Натпреварот започна со блага иницијатива на нашите фудбалери. Македонија играше поконкретно, но само на почетокот од натпреварот. Во 15 минута, поради наводен офсајд, беше поништен чист гол за Македонија кога Леонард Жута ја затресе мрежата на Луксембург. Резултатот остана 0:0, а следуваше игра со многу грешки и многу прекини. Во 35 минута, поради повреда играта ја напушти Даниел Мојсов, а на негово место во игра влезе Кире Ристевски. Луксембург доби шанса да го отвори резултатот од слободен удар на работ од самиот шеснаесетник, но ударот заврши покрај голот на Пачовски. По првите 45 минути резултатот остана 0:0.

Поседот на топка на почетокот од второто полувреме го имаше Луксембург, но нашата репрезентација за брзо време ја презеде топката во свои нозе, а имаше и одлична шанса преку Абдурахими да постигне погодок. Во 74 минута во игра влезе Блаже Илијоски на местото на Александар Трајковски. Стефан Ашковски влезе во игра на местото од Агим Ибраими во 80 минута. Во 84 минута беше досуден пенал за Македонија, кога Абдурахими беше соборен во противничкиот шеснаесетник. Абдурахими не успеа да го реализира пеналот, поточно голманот на Луксембург извонредно одбрани. Во последните моменти од натпреварот, во судиското надополнување Себастиен Тил постигна гол и му донесе победа на Луксембург од 1:0.

Во групата Ц, по седум одиграни натпревари Шпанија и Словачка се на првото место со 18 бодови, потоа следуваат Украина со 15, Белорусија и Луксембург со по 4, а Македонија е на дното со само 3 бодови.

Следниот натпревар Македонија ќе го игра против Шпанија на домашен терен, на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје на 8 септември (вторник) со почеток во 20:45 часот.

WebOhrid