СДСМ Дебрца: Трајкоски уште еднаш покажа дека е само партиски градоначалник

ОО на СДСМ Дебрца, испрати соопштение до медиумите, во кое се вели:

„Во вчерашното нарачано интервју Градоначалникот на општина Дебрца уште еднаш во функција на претстојните избори најави проекти за кои неговиот премиер Груевски пред две недели фрлаше лопати.

И притоа, во краткото интервју на три пати потенцираше дека средствата ги обезбедила „Владата на РМ, предводена од ВМРО ДПМНЕ ” . Со тоа уште еднаш го потврди она што сите го знаеме, дека е партиски послушник, а не градоначалник на сите граѓани. Кога ги најавуваше проектите добро ќе беше да каже дека средствата за регионалниот колектор се обезбедени од кредитно задолжување на Владата на РМ кај Светска банка и дека ќе треба да ги враќаат граѓаните на Република Македонија, а не Владата предводена од неговата партија. Добро ќе беше да каже дека тие средства и беа доделени уште на претходната локална власт, која поради административните, односно политичките бариери од централната власт не можеше да ги искористи. За другите проекти пак граѓаните ќе треба да издвојуваат во Буџетот на РМ, бидејќи се работи за инвестиции кои во наредните две три буџетски години ќе треба да се издвојуваат од Годишните програми за рурален развој.

Значи станува збор за проекти на граѓаните, а не партиски проекти како што се испофали Трајкоски. Крајно, Трајкоски и неговата администрација очигледно и во третата година од мандатот не ја научија разликата помеѓу ИПАРД програма и Национална програма за рурален развој. Ако средствата беа од ИПАРД програмата, неговата партиска Влада не ќе беше во можност да дели средства во функција на партиска кампања.

Делејќи средства од националната Програма со решенија без финансиско покритие , актуелната власт чиј припадник е и Трајкоски уште еднаш на дело ја покажа сраснатоста на државата и партијата, а кое нешто беше една од најсерозните забелешки во извештајот на Прибе.“– стои во соопштенито.