Министерот Јолевски ги повика заинтересираните млади луѓе да се пријават на огласот за пилоти во Армијата

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, за време на денешната презентација на петтата генерација слушатели во Центарот за обука на пилоти ги повика сите граѓани на Република Македонија, кои имаат завршено високо образование, говорат англиски јазик и се помлади од 28 години да се пријават на конкурсот за обука на пилоти. Оние кои ќе го поминат селективниот процес воден од искусни пилоти-инструктори од Израел ќе имаат можност да добијат висококвалитетна обука и да станат пилоти на Армијата на Република Македонија.

Јолевски за кадетите истакна „Пред нас се талентирани и внимателно селектирани кандидати, кои во Центарот за обука на пилоти на Армијата на Република Македонија во следните 18 месеци ќе имаат обука која ќе ги направи високо професионални пилоти, спремни за сите предизвици кои со себе ги носи пилотскиот позив“.

На денешната презентација свое обраќање имаше и Директорот на Центарот за обука на пилоти, Јаари Шрага, кој го истакна потенцијалот кој го има овој современ, модерен Центар за обука. Тој им посака на новите кадети успешна и безбедна обука на нивниот пат да станат пилоти.

Полковник Томас Батлер-одбранбено аташе на САД акредитиран за Република Македонија кој беше поканет на настанот, пред присутните гости и претставниците на медиумите информираше дека Република Македонија е поканета да номинира млади луѓе да конкурираат како меѓунардони студенти за слободните места на Академијата на воздухопловни сили на САД во Колорадо Спрингс.