ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски денес ја посети општина Дебрца, глумејќи загрижен и целосно посветен на интересите и проблемите што ги мачат граѓаните, при што во неговиот препознатлив популистички стил ги испрашуваше министерот за транспорт и врски и градоначалникот на општина Дебрца, со што ја потврди сраснатоста на државата и партијата. Притоа, уште еднаш се пофали со новоизградената пешачка патека на Охридското Езеро. За потсетување, тоа е онаа пешачка патека, долга цели 120 метри, изградена непосредно до регионален пат и без да се почитува регулативата за заштита на природното наследство. Пешачка патека во чија изградба е вграден, како што рече министерот за транспорт и врски “автохтон” материјал, како бетон и железо и за која незадоволство изразија и засегнатите граѓани, според кои се работи за уште еден проект од типот “немаме за леб, а трошиме за чоколадо”, односно за уште еден промашен проект, во кој се потрошени 200.000 евра, народни пари.
Во врска со промовирањето на канализационата мрежа во село Горенци останува нејасно како истата ќе функционира, кога се знае дека населеното место со години има проблем со недостиг на вода за пиење и се соочува со секојдневни рестрикции, проблем за кој градоначалникот на општината добро знае дека нема да се реши ниту со најавената набавка на нова пумпа.
И наместо по кој знае кој пат понизно да го слушаат нивниот партиски претседател , доблесно ќе беше неговата посета градоначалникот на општината и општинското раководство на неговата партија да ја искористат за да го “прошетаат” до ветената индустриска зона во Мешеишта, во која најавија многу инвеститори и од која нема ниту трага, до рудникот Стогово. во кој нели требаше да се реализираат 200 вработувања, до осумте винарии во Мешеишта, ветени уште во далечната 2008 година, до остатоците на Слатинското Езеро и распукнатата брана, а кое требаше да прерасне во туристичка атракција за рурален туризам, да го прашаат дали и кога ќе се реализира најавената реконструкција на регионалниот пат Ботун-Велмеј, да го запознаат со маките на земјоделците од Дебрца, дали и по која цена ја продадоа ланската реколта на јаболка, грозје и компири, по која цена ја продаваат годинешната реколта на пченица и дали со тие цени воопшто може да ги покријат производните трошоци, дали имаат вода за наводнување, да го прашаат за отворањето на ветените откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи, зошто им доцнат земјоделските субвенции , дали и кога ќе добијат обештетување за природната непогода од 2014 година, да побараат објаснување зошто граѓаните на Дебрца на кои им се експроприра имотот што живот им значи, долж Автопатот А2 добиваат надоместок чија вредност е под пазарните цени, да го прашаат како е можно во еколошки најчистата општина, покрај реката Сатеска да се дозволи изградба на бетонска и асфалтна база и редица други прашања од животно и егзистенцијално значење, кои ги тангираат интересите на граѓаните на општината.
Граѓаните на Дебрца со право бараат одговор на овие прашања.
Наместо тоа, денес уште еднаш добија само празни ветувања од еден човек и неговата партија, репрезенти на еден дискредитиран режим во заминување, кој го има изгубено кредибилитетот да владее и кој своите лични и партиски интереси ги стави пред интересите на земјата и нејзините граѓани.“– се вели во соопштението.