Глумци од МНТ и актери аматери со Даунов синдром премиерно ќе ја изведат „Викај ги среќа“

Актери од МНТ и млади актери аматери со Даунов синдром на 20 март на малата сцена на Македонскиот народен театар премиерно ќе ја изведат претставата „Викај ги среќа“ во пресрет на одбележувањето на 21 Март, Светски ден на Даунов синдром.

Режисери на претставата, која ја подготвува Центарот за Даунов синдром во соработка со МНТ и со поддршка на Министерството за култура , се Златко Славенски и Куштрим Бектеши. Во рамки на одбележувањето на Светски ден на Даунов синдром ќе се одржат и повеќе други настани.

Министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска денеска на прес-конференција во МНТ рече дека во рамки на заложбите за подобрување на квалитетот на културното живеење на лицата со посебни потреби вовеле неколку мерки кои овозможија овие граѓани бесплатно без никаков надомест да ги следат културните содржини во институциите од областа на културата, а нашите настојувања во иднина ќе бидат овие лица да бидат уште поактивни чинители во креирањето на културните содржини.

Таа посочи дека театарската претстава „Викај ме среќа“ е дел од годишната програма на Министерството за култура.

Ги наброја и останатите учесници во проектот како што се Александар Ношпал, кој ги изработи костимите за претставата, кореографот Александра Кочовска – Начева, Маријана Котевска Георгиева која го напиша текстот, како и „3D проект студио“ на Милчо Узунов кои ги изработија видео проекциите.

Уверена сум дека создавањето на оваа театарска претстава беше исклучително искуство за сите учесници во проектот особено за младите актери со Даунов синдром меѓу кои верувам дека се кријат бројни таленти со огромна креативност кои понатаму ќе се профилираат токму во театарската сфера“, рече Канческа- Милевска.

Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, нагласи министерката, несомнено не обврзува да се осврнеме и да се насочиме кон активностите и проектите кои во иднина треба да ги реализираме во насока на задоволување на потребите на оваа категорија граѓани.

Таа ги повика сите здруженија на граѓани и натаму да аплицираат на конкурсите на Министерството кои овозможуваат финансиска поддршка за нивните активности од областа на културата.

„Министерството за култура и нашите институции се отворени за соработка и иницијативи се со цел да го унапредиме културното живеење на лицата со Даунов синдром, да ги стимулираме нивните креативни потенцијали, да градиме заеднички вредности кои не спојуваат“, додаде Канческа-Милевска.

Претседателот на Центарот за Даунов синдром, Ива Мантон рече дека годинaшното мото на Светската организација за Даунов синдром е „Моите пријатели, моја заедница“.

„Сите ние треба да бидеме оние пријатели кои ќе им помогнеме нивниот влез во општеството и во сите сфери на нашето живеење да биде поедноставен и потопол“, посочи Мантон.

Вистинска штета би било, појасни таа, да ги оставиме лицата со Даунов синдром да живеат на маргините каде се чувствуваат дека се запоставени, каде нивните семејства постојано прашуваат што ќе прави моето дете кога ќе стане возрасен.

Нагласи дека нејзиниот одговор на тие прашања е многу едноставен – за возрасни лица со Даунов синдром да може да се вклучат во редовното живеење како чинители во нашето општество ние треба да работиме на тоа уште од самиот почеток, треба да веруваме во нив, треба да им дадеме можност да се вклучат редовно во образованието, да направиме вистински инклузивни училишта во кои ќе може рака под рака со другите дечиња да ги совладуваат содржините кои им се потребни.

„Ако не може да станат математичари или физичари да бидеме среќни со оние таленти кои ги имаат и да инвестираме уште од мала возраст да успеат да се остварат онаму каде имаат капацитет и можност“, додаде Мантон.

Младите актери аматери кои настапуваат во претставата се заблагодарија што им била дадена можност да бидат дел од ова театарско остварување. Посочија дека се среќни и дека сакаат да настапуваат и во други претстави.

MNT_4