Денес ГП Ново Село –Златарево се одржа средба на министрите за внатрешни работи и одбрана на Република Македонија Оливер Спасовски и Зоран Јолевски и министрите за внатрешни работи и одбрана на Република Бугарија Румјана Бачварова и Николај Ненчев.
Министрите разменија информации и меѓусебни искуства и се договорија да се зајакне соработката за полесно справување со проблемот со мигрантите.
„Ова е многу важна средба затоа што овие министерства се надлежни директно да се справуваат со бегалската криза. Оваа криза добива на интензитет од ден на ден и затоа мораме да бидеме подготвени да пратиме порака до граѓаните на двете држави дека сме решени да се справиме со кризата. Оваа криза може да се надмине само ако имаме мудри одлуки на земјите членки на Европската унија и добра координација меѓу соседните држави од регионот. Ќе ја продлабочуваме нашата соработка и ќе направиме што е можно повеќе заеднички контроли на границите на Република Македонија и Република Бугарија за да не дозволиме да се отвори нов коридор за влез на бегалци“, рече министерот Спасовски.