Промоција на ЦД со изворни песни во издание на „Смитсониан“

Во Скопје денеска беше промовирано аудиоизданието „Играј до последен здив“ кое содржи 17 традиционални македонски изворни песни објавени од издавачката куќа Smithsonian Folksways Recording. Таа е во состав на престижниот национален музеј „Смитсониан“ во Вашингтон чија мисија е собирање, заштита, афирмација и ширење на наследството од различни култури.

Цедето беше промовирано минатата година во Македонскиот културен центар во Њујорк, а сега и пред македонската јавност и во присуство на продуцентот и етнограф Мартин Кејниг од американскиот музеј „Смитсониан“ кој ги снимил материјалите во 1960-тите години.

Пред 50 години тој дошол во Македонија со намера, како што рече на промоцијата, да сними македонска музика од урбани и рурални средини и со тонски инженери и опрема извршиле снимање во три места – Гевгелија, во гевгелиското село Петрово и во Велес.

„Но, за жал, кога се вратив во САД мојата работна позиција и обврските не ми дозволија тие снимки да бидат издадени, туку стоеја на полиците и собираа прав скоро 50 години“, рече Кејниг. Им се заблагодари на претставници од македонската дијаспора со која е реализиран овој, како што рече, доста сложен проект.

Првенствено на Мето Колоски, претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) со кој стапил во контакт пред две години. Со помош на дијаспората бил решен финансискиот проблем и собрана преостанатата една третина од потребните средства, чиј вкупен износ е 93 илјади американски долари.

Според Кејниг, македонската традиционална музика е од исклучителна важност. – Ова ви го зборувам како стручњак за етнологија и антропологија. Тоа не е обична музика која се појавува на топ-листи, туку е тоа ваше национално богатство кое треба да го цените. Ние собираме музика од различни делови на светот и за нас е интересна вашата музика, зашто содржи многу живи и моќни работи, истакна Кејниг.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека со овој проект е овозможено македонската изворна музика да се најде во домовите на голем број Македонци, млади луѓе кои живеат и работат во САД, кои преку песните, како што рече, ќе црпат инспирација и чувство на припадност кон својата земја, но и во домовите на многу Американци за кои овој аудиозапис бил своевиден повик и поттик за разоткривање на Македонија.

„Снимените тонски записи припаѓаат на еден значаен период од развојот на македонската традиционална музика, тоа се ретки и автентични песни од вештите изведувачи на зурли, тапани и чалгија, а застапени се и детални истражувачки сознанија со транскрипции на англиски јазик, кои документираат популарни и значајни урбани и рурални традиции од нашето богато културно наследство. Овој аудиозапис несомнено потврдува дека Република Македонија е земја со исклучително богата фолклорна традиција, со нематеријално културно наследство кое говори за нашето историско траење, за нашиот континуитет“, истакна Канческа-Милевска.

Претседателот на ОМД Мето Колоски рече дека промоцијата е одлична пригода зашто ова е прво цеде со музика од Македонија кое музејот „Смитсониан“ го објавува во својата историја.

„Големо е задоволството да се истурка ваков проект заедно со музејот „Смитсониан“ кој е меѓу најпрестижните музи во светот. Во овој проект во соработка со Мартин Кејниг се вклучи голем дел од македонската дијаспора низ светот. Вредеше околу 93.000 долари, а една третина од средствата беа доделени од дијаспората,“ рече Колоски. Додаде дека по официјалната промоција минатата година во октомври, цедето било промовирано и во Вашингтон, Сиетл, Њу Џерси, Чикаго и Торонто и е задоволен што специјално за промоцијата во Скопје допатувал и продуцентот Кејниг.