Претседателот Иванов упати честитка за Божик

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар.

„Ви го честитам најголемиот христијански празник, раѓањето Христово – Божик, и Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Божик е празник кога во нашите срца и во нашите домови се вселуваат љубовта и топлината, радоста и светлината, надежта и дарувањето, мирот и убавината. Христовото  раѓање го отвори патот кон спасение и вечен живот, и оттука Божик како празник на Божјата љубов претставува пресвртница за човештвото и суштинска поткрепа на нашата верба и духовност.

Нека денешниов празник нè зближи и нека ги потврди нашите заеднички заложби за негување и почитување на верските различности и религиозните посебности како приоритет на нашето општество, со цел за подобро утре на денешните и идни генерации.“