СДСМ Дебрца: Пешачката патека на Охридското Езеро се гради без да се почитува регулативата за заштита на природното наследство

Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Во врска со градежните активности на општина Дебрца и Министерството за транспорт и врски за изградба на пешачката патека покрај Охридското Езеро, во КО-Оровник, чувствуваме за потреба уште еднаш да ги запознаеме граѓаните на Дебрца и пошироката јавност за следното:

Поаѓајќи од фактот дека Охридското Езеро е со закон заштитен споменик на природата, прогласено за светско природно наследство и ставено под заштита на УНЕСКО, при преземањето на градежни и слични работи во езерото и на крајбрежјето, а во насока на зачувување и ненарушување на автентичноста и интегритетот на светското природно наследство потребно е целосно почитување и примена на домашната законска регулатива, која се однесува на заштитата на природното наследство, како и на меѓународните прописи и конвенции, чиј потписник е Република Македонија.

Секој градежен зафат во непосредна близина на брегот негативно се одразува на езерото во целина и е во спротивност со Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и Законот за заштита на Охридското Езеро, односно ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите на заштита на езерото, според кои заради заштита на езерото се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерото, се забранува преземање на активности со кои се прекинува природната комуникација меѓу езерото и крајбрежниот појас (изградба на бетонски и камени ѕидови и слично).

Притоа, објаснувањето дека пешачката патека се гради на катастарска парцела која е надвор од езерото не држи место, бидејќи согласно Законот за водите за заштита на коритата и бреговите на природните водотеци и езерата се забрануваат градежни работи во крајбрежниот појас, кој за езерата е во широчина од 50 метри од линијата на највисокиот утврден водостој. Во конкретниов случај, градежните работи се изведуваат непосредно до каде се протега водостојот на езерото.

При изградбата на пешачката патека не се почитува ниту мислењето добиено ЈНУ Хидробиолошки Завод Охрид според кое материјалите кои се користат при градбата потребно е да бидат природни, а песокот мора да има автохтоно потекло од сливното подрачје на езерото.Спротивно на тоа, во текот на градбата на патеката се вградени големи количини на неавтохтон материјал како бетон и железо.

Исто така, објаснувањето на надлежните од општината дека со овој проект ќе се добие уреден дел каде што жителите и туристите ќе можат да се рекреираат и релаксираат, во најмала рака е дискутабилно. За какво рекреирање може да стане збор на толку кратка пешачка патека од само 120 метри и која се граничи со асфалтниот коловоз од стариот регионален пат Охрид-Струга, по кој постојано се одвива сообраќај со моторни возила !?

Уште на почетокот на градежните работи апелиравме и ја повикавме стручната и засегнатата јавност да го кажат своето мислење за овој проект, но за жал до денес никој не се осмели да се произнесе. Цениме дека со ваквиот игнорантски однос постои реална опасност Охридското Езеро да се смести на Листата на загрозени подрачја на светско и културно наследство, што претставува еден чекор до бришење од списокот со подрачја заштитени од УНЕСКО.

Крајно, немаме ништо против проекти кои ќе го поттикнат развојот на туризмот и економијата. Против сме, ако како последица на таквите проекти езерото и околината се урбанизираат, бетонизираат и деградираат.

Затоа, ако одржливиот развој и ефикасното користење на ресурсите се иднината на нашата планета, да го оставиме нашиот бисер, Охридското Езеро да привлече туристи како што најдобро знае-со својата природна убавина која ја нема на ниедно друго место во светот.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.