Апел за безбеден дочек на Новата 2013 година

Охрид, најголемиот туристички центар во Република Македонија, целосно е подготвен за дочек на Новата 2013 година. Сместувачките капацитети речиси целосно се исполнети со домашни и странски гости, па затоа Градоначалнкот Александар Петрески, до граѓаните, надлежните институции и угостителско-туристички работници, апелира, да сторат се, за да има весела и безбедна атмосфера за дочек на Новата 2013 година.

Треба да се грижиме за заштита на реквизитите кои го прават Охрид, најубаво украсен град  во Македонија, зошто ќе ни бидат потребни и за идните години. Воедно, апелираме да се заштитат и другите објекти и да се преземат мерки против прекршителите, особено против насилниците кои синоќа ја искршија  плочата во „Паркот на пијателството“.

Од полицијата очекуваме, поради големиот број домашни и странски туристи, да ги преземе потребните превентивни и активни мерки за безбеден дочек на новата 2013 година. Очекуваме посебно внимание да посветат на спречувањето на употреба на пиротехнички средства, кои можат да предизвикаат повреди кај граѓаните и туристите.

Градоначалникот Александар Петрески, јавно ги поканува граѓаните и туристите на масовниот дочек на Новата 2013 година, што ќе се одржи на градскиот плоштад. Ќе има забава и дружење до раните утрински часови, забава за сите оние кои под отвореното охридско небо сакаат да си посакаат здравје, љубов, среќа и желби за бериќетна и просперитетна 2013 година.

Кабинет на градоначалникот Александар Петрески