Колумбиска фирма произведува панцир-облека за американскиот пазар

Една колумбиска фирма која се занимаваше со произведување на панцири за возрасни сега производството го пренасочи кон производство на панцир-облека за деца. Сопственикот на фабриката, Мигуел Кабаљеро, вели дека ни на крај памет не мислеле дека еден ден ќе произведуваат облека за деца која е отпорна на куршуми, но по масакрот во училиштето  во Конетикат, самите клиенти од САД почнале да бараат панцири за деца.

„По трагедијата во Конетикат, почнавме да добиваме мејлови од клиенти кои бараат заштита за своите деца“, – вели Кабаљеро.

Оваа фирма сега произведува детски панцири, облека и ранци со панцир плочи кои можат да се користат и како штитови. Производите се наменети за деца на возраст од 8 до 16 години и се со цена од 150 до  600 долари, во зависност од материјалот.

„Овие производи се направени исклучиво за американскиот пазар, а не за латино пазарот“, – вели Кабаљеро.

Облеката претходно е тестирана и може да издржи неколку куршуми од пиштол со 9 мм или машинка.

По масакрот, три американски компании отпочнале со производство на детски ранци кои се отпорни на куршуми. Ден после пукањето, компанијата „Булет Блокер“ продала околу 100 детски ранци, а претходно неделно продавала околу 10. Цената на ранците е над 200 долари.