Претседателот Иванов упати честитка за Божик

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите христијани по повод големиот празник раѓањето Христово – Божик.

„Имам особено задоволство и чест Вам лично и на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник Раѓањето Христово – Божик, и да Ви посакам во добро здравје, радост и среќа да ги поминете празничните денови.

Празнувајќи го овој голем празник во кругот на нашите семејства и ширум храмовите на нашата света Македонска православна црква, да не заборавиме да посведочиме за безмерната божја љубов и милосрдие и инспирирани од Исусовото раѓање да го славиме и да му се радуваме на животот.

Во духот на пораката на овој празник на светлината, дозволете уште еднаш најискрено да посакам во срцата на сите православни верници да се всели мирот и спокојството, почитта и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов кон ближните, секогаш подготвени безрезервно да им ја понудиме нашата помош и поддршка.

Нека е честит празникот и за многу години. Христос се роди!“