Не дека немам чевли, ама секогаш кога треба да излезам во чаршија си велам: „Ех, немам што да обујам!“ Чевлите се туркаат по полиците, ама на сите им наоѓам мана. Те едни се лепени стопати, други не се актуелни, штиклите не ми одговараат на облеката…
Најверојатно тоа доаѓа од човечката потреба да се биде убаво облечен, да се следат трендовите, па ако сакате и да се чувствувате подобро.
Сепак, ги обувам моите најнови чевли (па имаат едно три години) и храбро излегувам надвор. Не сакајќи, погледот ми се насочува кон чевлите кои гордо се движат по чаршијата. Кафеави крзнени чизмички, црни полувисоки чевли, патики од познати фирми, кожни, антилоп, скапи, поефтини…
Влегувам во една од најквалитетните продавници за чевли и го разгледувам моделот што ме привлече од излогот. Квалитетни кожни чизми, интересен модел и бренд, со наведена цена на излогот (2200 ден со попуст). Кога прашав за потврда на цената, вработената ми рече 4900 ден (повеќе од половината од платата на пр. еден текстилен работник) што секако ме вчудовиде (не соодветствуваше со онаа од излогот). За мене прескапо, па пробав да продолжам со истражувањето на моделите и конечно се решавам за едни симпатични полувисоки чизмички (цената е 1800 ден, но со попуст снижени на 1100 ден), но кога подетално го разгледав материјалот од кој беа изработени, изгледаа како стока од втора рака. Разочарано ја напуштив продавницата, а позади мене остана коментарот на вработената, „што им е на луѓево“, веројатно мислејќи дека стоката им е беспрекорна и не смее да има никаков негативен коментар во тој поглед. Или пак што, ние, обичните смртници би добиле за толку „ниска“ цена.
Приказната за чевлите не застанува тука. Прошетав низ продавниците, претежно во чаршијата на Охрид, а цените на кожните чевли (според тврдењата на продавачките, а и производителите што се потпишани на нив) се движат од 2500 ден. па нагоре. Најскапите чевли што ги видов во продавниците чинеа 9450 денари. Што би рекла една пријателка: „За да купиш модерни и квалитетни чевли треба да подигнеш кредит“.
Можеби коментарот би бил дека треба „да се испружат нозете колку ти е долга чергата“, ама 10 000 денари, во Охрид, за чевли е навистина неверојатна приказна.
Текстилци во приватни фирми, образование, административци во јавни претпријатија, медицинари, таксисти… обичен свет кој не може да си дозволи таков луксуз.
Резигнирано, се решавам моето купување на чевли да го одложам за некое „подобро време“ и да одам да купам леб, млеко и други основни производи за моето семејство.
Полека се упатувам кон мојот дом, а оние скапи кожени чевличиња од излогот ми се смеат од нозете на некоја девојка.
Колку и како заработуваат овие луѓе што може да си дозволат да купат толку скапи чевли!?
Премногу ли е да бараш да имаш убави, квалитетни чевли со пристојна цена што нема да се одлепат и уништат за неполна година!?
А цената на детските чевли!?
Тоа е веќе друга приказна.
Р. К. (читател на WebOhrid)
*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.