Започна да се асфалтира патот до црквата „Св.Климент Охридски“ во Велгошти

Започна да се асфалтира патот до црквата „Свети Климент Охридски“ во Велгошти. Градежните машини веќе се на терен и работат на изградбата на овој пат.

Секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески напомена дека конечно стартуваа работите на патот кои велгоштани ги чекале со децении.

„Во текот на минатата седмица градежното претпријатие „Илинден“ на терен почна со работа и го реализира тоа наше ветување. Како што знаете во рамки на програмата за работа на градоначалникот при посетата на Велгошти беше констатирано дека тоа е најважен локален пат кој е потребен за населението од Велгошти. Веднаш беше даден налог да се обмисли практичната изработка на овој пат.“ – рече Спасески.

„Првичната идеја беше патот до црквата да се работи со бекатон коцки за што веднаш беше обезбеден и дистрибуиран градежниот материјал до местото. Но, при една анализа на градежните инженери и во тесна консултација со населението се посомневавме во квалитетот на почвата, бидејќи се работи за стрмен пат каде често се јавува свлечиште на земјата. Почекавме да помине периодот на дождови, потоа се направи детална анализа на почвата и се констатира да патот мора да се работи со асфалт со определна подлога која е неопходна за тоа. Најмногу време помина во чекање на стабилизација на земјиштето за да се направи проценка како ќе се изработи овој патен правец“. – додаде општинскиот Секретар.

Работите одлично напредуваат на терен и полека се наѕира идниот изглед на патот кон оваа црква.

AsfaltVelgosti1 AsfaltVelgosti2 AsfaltVelgosti