Посета на Медијаторот Метју Нимиц на Република Македонија

Личниот претставник на Генералниот Секретар на Обединети Нации, Метју Нимиц денеска оствари работна посета на Република Македонија, во рамки на активностите поврзани со неговиот мандат за надминување на разликата околу името.

Притоа тој имаше средби со Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, со Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и со Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, на кои им ги пренесе видувањата за неговата посетата на Атина и таму искажаните заложби за посветеност на процесот.

На средбите беше повторена македонската поддршка за засилен ангажман на медијаторот Метју Нимиц. Тој детално беше запознат со македонската посветеност за отстранување на оваа препрека, која ги загрозува евро-атланските интеграциски текови во регионот на Југоисточна Европа. Во тој контекст, му беа презентирани бројните билатерални иницијативи покренати од македонска страна кои целат кон приближување на двете земји. Многу од нив се истакнати во писмото упатено од Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски до Претседателот на Владата на Република Грција, Антонис Самарас. Во разговорите, македонската страна ја реафирмира искрената заложба за наоѓање решение за разликата околу името и уште еднаш го потенцираше нашиот интерес за што поскорешно затворање на ова прашање, како и интерес за динамизирање на процесот.

Исто така, беше нагласена потребата од преземање чекори кон возобновување на довербата меѓу Република Македонија и Република Грција. Во тој контекст, улогата на органите на Обединетите Нации беше оценета како исклучително корисна и во тој контекст беше охрабрена заложбата на медијаторот за поинтензивна комуникација и посети на двете земји.