Делегации на збратимени и пријателски градови беа во посета на Охрид за празниците

На големата верско-народна и туристичка манифестација „Богојавление – Водици“ и „Денот на рибарите“ учествуваа и бројни делегации на збратимени и пријателски  градови.

За време на празниците во Охрид допатуваа познатиот скулптор, сликар и хуманист Виченцо Бјанки од Италија, делегација од Германија, предводена од  бизнисменот Хелмут Дуда од Здружението за Охридско-Рурска соработка, делегација од Лесковац од Србија предводена од градоначалникот Горан Цветковиќ, делегација од Нови Сад од Србија, предводена од заменик-градоначалникот Борко Илиќ, делегација од Каен од Франција предводена од заменик-градоначалничката Клаудине Магует, делегација на Винковци од Хрватска предводена од градоначалникот Младен Карлич, делегација од Братислава од Словачка  предводена од Фердинанд Габовиќ, како и десетина новинари и туристички работници од Србија.

Градоначалникот Александар Петрески и претставници на Советот на Општина Охрид предводени од претседателот Душко Јаковчески, со делегациите остварија повеќе официјални средби на кои беше разговарано за продлабочување на досегашната соработка.

Делегациите, во рамките на посетата засадија дрвца во паркот на пријателството, ги разгледаа најважните културни споменици и ги следеа сите настани поврзани со празникот „Богојавление – Водици“ и „Денот на рибарите“. Вчера го напуштија Охрид, како што рекоа, со извонредни впечатоци и ветување дека повторно ќе дојдат да уживаат во гостопримството и убавините на нашиот древен град.