ЕУ не поддржува вонинституционално делување во Македонија

Дејствување кое оди кон заобиколување или игнорирање на институциите нема никогаш да наиде на поддршка во Европската унија, истакна министерот за надворешни работи Никола Попоски во врска со шпекулациите дека еврокомесарот за проширување Штефан Филе бара од властите во Македонија да се помират со опозициската СДСМ и да организираат предвремени парламентарни избори.

Денеска, министерот Попоски оствари средба со Филе во Брисел, при што на прашањето на дописникот на МИА дали еврокомесарот или негови “дипломати” превземаат акција за да делуваат за помирување со опозициската СДСМ и нивниот бојкот на Парламентот и дали воопшто има ваква иницијатива на Филе, посебно за да се поддржи барањето за одржување на предвремени парламентарни избори, Попоски со одговор:

„Не би сакал да коментирам какви било шпекулации. Она што е клучно и она што го чув од сите соговорници во Брисел е дека апсолутно е неприфатливо вонинституционално дејствување во една земја. Во тој дел, нема никаква дилема и никаква поддршка за какво било дејствување што е надвор од она што е воспоставено како демократска норма во земјите на ЕУ и оние кои сакаат да бидат дел од неа“, истакна министерот Попоски.

Тој потенцира дека таквото делување не може да наиде  на поддршка ниту во иднина и дека клучните пораки кои се упатувани, генерално, во европските кругови се секогаш во насока на кредибилитетот на тие институции.

Петер Стано, портпарол на Филе, за дописникот на МИА од Брисел потврди дека комесарот нема намера да се меша во внатрешните работи на која било земја што е членка или кандидат за членство во Европската унија, како што е прашањето за (не)одржување на предвремени парламентарни избори.

„Комесарот Филе нема мандат, ниту намера да се меша во внатрешни работи на една земја, што дефинитивно е прашањето за одржување на редовни или предвремени избори“, изјави портпаролот Стано.

Тој дополни дека е најважно Македонија да го задржи фокусот на евроинтеграциите, без притоа да се превземат чекори што ќе ја дефокусираат земјата од овој процес што во случајов би се направило со предвремени парламентарни избори.