Не е постигнат никаков договор помеѓу Груевски и Црвенковски

Не е постигнат никаков договор на денешната средба на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски за надминување на политичката криза.

Како што изјави Груевски по едночасовната средба, Црвенковски настапил со ултиматум и го повторил барањето за одржување превремени парламетарни избори заедно со локалните, што за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо.

Груевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е ниту за тоа парламентарните избори да се одржат истовремено со претседателските.

 ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на локалните избори, бидејќи, како што наведе, СДСМ не е единствената опозициска партија во Македонија.

„Разговорите се сведоа на две работи: на ултиматумот што го поставија за одржување на предвремени парламентарни избори и неподготвеност да се разговара за што било друго за што во претходните денови тие говореа во јавноста дека им е значајно и нивно толкување на настаните и инциденттие што гипредизвикаа во месец декември“, рече Груевски.

На средбата, посочи премиерот, дојдовме по неколкудневна и детална опсежна подготовка за Изборниот законик, за препораките на ОБСЕ, за процесот на прочистување на избирачките списоции, за сите оние детали за кои во минатите недели се разговараше во јавноста.

„За жал не добивме таква можност да разговараме за овие работи. Имено, како на почетокот, така и на крајот ни беше кажан безусловен ултиматум дека за ништо не би сакале да разговараат доколку не го прифатиме ултиматумот да се оди на предвремени парламентарни избори така што нашите претходни подготовки и напори не можеа да дојдат воопшто на дискусија. Не се дозволи рагзовор по тие прашања, главно и клучно прашање беше барањето да се оствари нивниот ултиматум за предвремени парламентарни избори“, рече премиерот.

 Единствено се разговарало, како што наведе Груевски, за толкувањето на СДСМ за декемврискиот инцидент што го предизвикаа и дека имало погрешни чекори од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Инцидентот во декември беше планиран, организиран и спроведен од нивна страна. Тоа беше плански организиран инцидент со цел да се добие некакво алиби за одбегнување и бојкотирање на локалните избори заради соочување со нов пораз на Црвенковски и на СДСМ или, пак, предизвикување хаос во кој што ќе се направи обид за предвремени парламентарни избори во една хаотична ситуација да се добие некој глас повеќе. Тоа го аргументиравме со конкретни работи тргнувајќи од нивното кршење на Деловникот за работа на Собранието, со попречување на работата на  Законодавно-правната комисија, преку нападот на претседателот на Парламентот, уништување на неговите документи, кинење на микрофони, качување на маси, заземање на неговата позиција, обид за масовно заземање на Парламентот од страна на пратениците, газење на полицајци, физички отпор на безбедносните структури… Така што еден плански направен инцидент беше спроведен од нивна страна со цел да предизвикаат хаос и во тој хаос да избегнат нов пораз на локалните избори“, изјави Груевски.

Премиерот негираше дека ВМРО-ДПМНЕ е за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските во 2014 година. „Не, тоа не е точно“, рече Груевски.

За тоа кој бил одговорот на Груевски на на ултиматумот што го поставил СДСМ, тој рече дека им било посочено оти имаат шанса да ја ублажат штетата што и ја направија на Република Македонија.

„Ние сме подготвени да разговараме за сите други аспекти коишто тие во јавноста ги посочуваа што денеска не ги посочија… аспектите за недонесен закон за избори, неспроведени препораки на ОБСЕ или пак недобро прочистен список. За сите тие работи бевме подготвени да разговараме, меѓутоа немаше подготвеност од другата страна да се разговара. Нашиот одговор беше дека ние во иднина ќе продолжиме да работиме согласно Уставот, законите, деловниците на институциите, ќе направиме максимум што е во наша моќ да го ублажиме нарушувањето на угледот на Република Македонија и да направиме чекори со коишто ќе  помагаме на граѓаните и на Македонија да одат напред затоа што ние имаме добиено легитимитет за таа работа  на фер, демократски и слободни избори пред година и половина“, истакна премиерот.

Со Црвенковски не разговарале за нова средба, но Груевски рече дека секогаш е отворен за разговори.

„Не разговаравме, но јас секогаш сум отворен за разговори кога на некој му е потребна помош да излезе од тешката ситуација во која самиот одлучил да навлезе“, рече премиерот.

Запрашан за тоа како Македонија ќе излезе од политичката криза имајќи ги предвид разговорите за името и интеграцијата на земјата во ЕУ, Груевски рече дека Владата ќе продолжи да работи согласно Уставот и законите.

„Ќе продолжиме да спроведуваме проекти што сме им ги ветиле на граѓаните со коишто земјата ќе се движи напред“, додаде Груевски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на локалните избори без опозиција, тој рече: „Ќе одиме на избори со опозиција бидејќи СДСМ не е единствената опозиција во Македонија“.

Запрашан дали очекува ескалација на политичката сцена во Македонија, премиерот истакна дека земјата ќе оди напред и мора да оди напред, независно дали некој сака да ја спаси својата политичка кариера од следниот пораз или не.

„Земјата не може да биде заложник од личната политичка кариера на еден човек во случајов на Бранко Црвенковски“, изјави Груевски.