Средба на претседателот Иванов со Субрата Рој

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Субрата Рој, основач и сопственик на индиската компанија „Сахара Индија Паривар”.

На средбата, г. Рој го информираше претседателот Иванов за сферите на интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за почетокот на подготовките за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“.

Претседателот Иванов изрази задоволство од искажаниот интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за конкретизација на проектите, што во голема мера позитивно се одразува на јакнењето на македонско – индиските односи и соработка. Воедно, македонскиот претседател изрази интерес и подготвеност за проширување на билатералните односи и соработка, како на политички план, така и во повеќе области од заеднички интерес со акцент на земјоделието, туризмот и културата.

На средбата беа разменети мислења и информации за потенцијалите со кои располага Македонија, за можностите и за предностите кои ги нуди земјава за странските инвеститори. Притоа, претседателот Иванов ги потенцираше континуираните напори што Република Македонија ги презема во насока на подобрување на економската клима и привлекување на странски инвестиции.

Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат широка перспектива за продлабочување на билатералните односи, кои се традиционално пријателски, и ја реафирмираа подготвеноста за унапредување на соработката и нејзино конкретизирање со натамошни проекти.