Кириличниот домен (.мкд) избран на интернет анкетата на МАРнет

Врз основа на резултатите од интернет анкетата објавена на веб страната на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, граѓаните го одбраа кириличниот домен (.мкд) кој ќе ја претставува Македонија во меѓународниот интернет простор.

Гласањето траеше до 15 јануари 2013 година, врз основа на претходно објавените низи за кои имаше најголем број на предлози (мкд, мак, рм, македонија, рмак и рмкд). Вкупно својот глас преку интернет анкета го дадоа 2.288 граѓани, од кои за кириличниот домен (.мкд) гласаа 72,98 % од нив.

Предложената низа која освои најголем број гласови (.мкд), ќе биде ставена во официјалното барање за започнување на процесот за добивање на врвниот кириличен домен за Република Македонија, кое ќе биде поднесено до Интернет корпорацијата за доделување на имиња и броеви (ICANN).

Националниот кириличен домен ќе им овозможи на македонските граѓани да го користат интернетот на своето македонско кирилично писмо, што истовремено претставува и за грижа за зачувување на националниот идентитет преку користење на домени на својот мајчин јазик.