Во романскиот весник „Лумина“ изминатиот викенд беше објавена сторија за Охрид и за Македонија. Ова претставува уште еден пример како магичниот Охрид привлекува посетители од целиот свет.
„Покрај аџилак во Светата земја, верниците можат да изберат и други правци, полни со духовно богатство. Една од точките кои треба да ги барате, освен Светата земја и Грција, тука е и Македонија.
Оваа земја има многу места за богослужба, манастири и цркви кои припаѓаат на извонредни периоди од историјата.
Оние кои ќе се одлучат да ја посетат Македонија, ќе откријат прекрасни места и уникатни пејзажи, поврзувајќи го Божјото создание со делото на човекот“. – вака започнува сторијата за Охрид, која носи наслов „Охридски духовен завет“.
Во истиот весник може да се најдат и прилично интересни туристички дестинации, едно-неделни понуди почнувајќи од 400 евра, па се до 875 евра за десет-дневни аранжмани. Но, тука е и Македонија и тоа за само 315 евра. Со наслов „Аџилак во Македонија“, едно-неделната турнеја започнува со Скопје, продолжува со Матка, Охрид, Св.Наум, Струга, а завршува со Битола и Прилеп.
Планирани се три вакви турнеи, од 13-ти до 19-ти мај е првата турнеја, втората е од 12-ти до 18-ти август и третата турнеја е од 2-ри до 8-ми септември.
WebOhrid