Кривични пријави против две лица за тешки кражби во цркви

Поради постоење на основи на сомнение за сторени три кривични дела „Тешка кражба“ секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе кривична пријава против Е.Ќ.(18) од Прилеп и Е.И.(19) од Штип.

Пријавените, трите тешки кражби ги извршиле во периодот од 10-ти до 12-ти минатиот месец  во црквите „Св.Тројца“ во селото Горенци, „Св.Недела“ во Оровник и „Св.Никола“ во Требеништа. Со употреба на чекан, нож и штрафцигер, двајцата пријавени успевале да ги оштетат бравите од влезните врати по што со употреба на физичка сила насилно влегувале во внатрешноста на црквите. 

Во црквата „Св.Никола“ во Требеништа, тие се качиле на скелето од јужната страна на црквата и преку прозорот се спуштиле во црквата од каде одзеле вкупно 200 денари оставени на иконите. Извршувајќи ги тешките кражби, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 1000 денари. 

Инаку двајцата пријавени во текот на минатиот месец, ја извршија тешката кражба во црквата „Св.Петка“ во Струга од каде одзеле 600 денари, три бакарни свеќници високи околу 1,3 метри, четири бакарни и три алуминиумски тепсии како и други поситни предмети. 

Одземените предмети успеале да ги префрлат позади спортската сала во Струга каде со чекан ги кршеле и оштетувале. Откако ги искршиле на повеќе делови, ги ставиле во платнена вреќа и така подготвени за продажба ги сокриле во близина на бараките на улицата „Црни Дрим“. Бесправно одземените и оштетени предмети, се пронајдени од страна на полициските службеници.