ВМРО-ДПМНЕ: ЛЕР има врвно место во неуспешното работење на Локалната самоуправа

Продолжуваат обвинувањата на релација ДПМНЕ-Локална самоуправа Охрид. На денешната прес конференција, ВМРО-ДПМНЕ го обвини секторот за Локален економски развој дека има врвно место во неуспешното работење на Локалната самоуправа Охрид. 

„Во колажот на неуспешното работење на Локалната самоуправа Охрид,  посебно и врвно место има секторот за Локален економски развој и туризам на Општина Охрид.  Сектор во кој зад себе во овие 8 години врие од неспособност но и од голем број необјасливи проекти предводени  пред се  од раководителот на Секторот. 

Посебно остана необјаснето, но може да биде дополнително истражено, што всушност се случуваше со проектот Духот на Охрид  и дали се подметнуваа  ГИС апликациите на приватната фирма на близок роднина на Раководителот на Секторот ЛЕР во разни проекти. Заради манипулациите со овие проекти  Охрид  е речиси исклучен од многу од програмите на меѓународните организации и фондови. 

Манипулација која се пласира деновиве дека Секторот аплицирал до некои фондови е обид за алиби на ОПШТИНАТА ОХРИД  и обид да ги забошоти наведените проекти и да го покрие  срамот и злоупотребата на средствата од Општината, нанесен со скандалот со брошурата која со стари податоци и стари фотографии се презентираше на светски туристички саем.  Општината мора да и објасни на јавноста каде се слеваат околу 3 милиони денари буџетски средства годишно од програмите за туризам и ЛЕР кои се одвојуваат само за пропаганден материјал, кога се гледа дека парите се потрошени, а  се промовира стар материјал. За таквиот скандал МОРА некој во Општината да понесе одговорност иако во Локалната не го знаат значењето на тој збор. 

Одамна е евидентно дека парите на програмите ЛЕР и туризам се користат само за патувања, дневници и репрезентации.  Во 8 години единствена активност на Општината на полето на туризмот беше Ѓомлезијадата која не веруваме дека чини 11 милиони денари колку што просечно изнесува целиот буџет на Секторот ЛЕР и туризам годишно. 

Прикажувањето на аплицирање како  успех на  Секторот ЛЕР со изјава е тотална несериозност, провокација кон граѓаните и ароганција во обид  да се затскријат сомнителните активности во овој Сектор и скандалот и срамот со учество на саеми со старите брошури.  Работењето на Секторот ЛЕР секако дека мора  да биде и ќе биде  предмет на посебна ревизија за тоа како Охрид од туристички центар е сведен на еден Дух и една Ѓомлезијада.

Александар Петрески го имаше овој свој кадар во вид на раководител во ЛЕР како свој најзаштитен соработник  и апсолутно  негова е одговорноста за тоталното фијаско на туризмот во Охрид. Ете таков беше тимот на Петрески во овие 8 години кои со негов амин го уништуваа Охрид. Одбројуваме….Им остануваат само уште 40 дена !“ – изјави на денешната прес конференција портпаролот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Никола Митровиќ.