Со извонредна игра во завршницата и со пресврт во последната четвртина, Женската репрезентација на Македонија до 20 години го совлада домаќинот Бугарија со што го оствари третиот триумф во својот петти натпревар, за враќање во горниот дел од табелата.
Добро го почнаа натпреварот избраничките на Александар Домлевски против познатиот противник и предводени од Нена Трајчевска и Александра Стојановска, одржуваа водство во првата четвртина. Сепак, последните три минути од четвртината Бугарија погоди неколку шутеви од далечина и со серија од 9-0 го заврши периодот со предност од 18-13. Водството на Бугарките најмногу се искачи до седум поени, но Лефтерија Темелкова и Анџелика Митрашиновиќ играа одлично во напад во втората четвртина, која со поените на Лазареска заврши со резултат 32-31 за Бугарија.
Три минути на почетокот на второто полувреме нашиот состав немаше реализација, а тоа Бугарија го искористи за повторно да се искачи на седум поени предност, но поените во низа на Трајчевска, Темелкова и Стојановска го приближија резултатот на 42-41. На крајот на четвртината, Бугарките погодија две тројки по ред, за 50-43 во пресрет на решавачките 10 минути од натпреварот. Веднаш следуваше серија од 8-0 за Македонија, по што се играше кош-за-кош до самиот крај. Темелкова погоди за 63-60 на почетокот на последната минута, а откако потоа Бугарката Пејчинова ги промаши двете слободни фрлања, Митрашиновиќ реализираше и ги постави конечните 64-60.
На крајот заслужена победа за Македонија, која одигра нов борбен натпревар со многу цврста одбрана, додека во напад внимателно работеше за чисти позиции за шут, реализирајќи ги со високи 48 проценти од поле. Иако загубените топки и скокот повторно беа проблем во играта, нашите кошаркарки постојано наоѓаа начини да ги сопрат налетите на мотивираниот домаќин, за заслужен трети триумф на Првенството во Албена на вкупно пет одиграни средби. Со ова, нашата репрезентација се враќа при врвот на табелата и со отворени шанси за пласман на некое од првите три места кои водат во А-дивизијата. Таму моментално се Чешка, Белгија и Португалија и токму дуелите со Чешка и Белгија ќе бидат клучни за конечниот исход.
На натпреварот со Бугарија, Анџелика Митрашиновиќ заврши како најпрецизна со 20 поени, на кои додаде 6 скокови, 5 украдени топки и 4 асистенции, а дабл-дабл учинок оствари Нена Трајчевска со 12 поени и 11 скокови. Лефтерија Темелкова одигра одличен меч на кој постигна 12 поени со 4 украдени топки и 3 асистенции, додека „двоцифрена“ според бројот на поени беше и Александра Стојановска со 11 и дополнителни 7 скокови. Уште во листата на стрелци се запишаа и Пејковска (4), Јоловиќ (3) и Лазареска (2).
Утре нашата репрезентација е повторно слободна, за последен пат на Првенството, а од петок па до недела ја очекуваат три исклучително тешки дуели против Чешка, Летонија и Белгија. Првиот натпревар против Чешка се игра во петок од 15.00 часот по македонско време.