Нема договор за предвремени парламентарни избори, е пораката што ја упати премиерот Никола Груевски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ по денешното потпишување на Декларацијата за заедништво, партнерство и локален развој во пресрет на претстојните локали избори на лидерите и претставниците на политичките партии од коалицијата „За подобра Македонија“.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ по претходни анализи и дискусии, а свесни за состојбата во која не донесе неодговорното однесување на опозицијата, како што рече Груевски, а посебно на нејзиниот лидер кој ја става во залог државата за да ја спаси сопствената политичка кариера и прави огромни штети на нашата држава, донесе одлука во која силно верува, а тоа е дека случувањата во Парламентот треба да се разрешат, односно да се најде начин преку дијалог да се создадат услови со кои ќе се превенираат вакви случаи, односно нема да се дозволи да се повторат.
„Ние и покрај нашите забелешки кои јавно ги искажавме, ја поддржавме идејата на претседателот Иванов за формирање ат хок комисија која ќе даде препораки, меѓу другото, и околу процедурите и Деловникот во Собранието и нивната конзистентност со Законот за Собрание. Потоа, менаџирањето со безбедносните служби во Парламентот, безбедноста и околу Парламентот, стандарди за присуство на медиумите во Парламентот итн. Ние немаме од што да се плашиме и што да криеме. Ние знаеме дека сме во право и затоа оваа идеја ја прифаќам со добра волја“, изјави премиерот Груевски.
Во контекст на изразување двосмислена волја за фер и демократски избори, Груевски упати јавна покана за меѓународен мониторинг за претстојните избори во број во кој тие сметаат дека е потребен со цел да имаат појасна слика за состојбите.
„Почитување на поделбата на партиските структури и извршна централна и локална власт по сила на закон веќе се случува, но сакам да истакнам оти процесот на вработување во јавната администрација е стопиран и до крај на изборите нема да продолжи без разлика на обидите за манипулација од страна на некои опозициски градоначалници“, посочи Груевски.
Тој ја нагласи и подготвеноста за прифаќање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во делот на локалните избори согласно меѓународните стандарди и практики доколку постои се уште нешто што не е прифатено, а е пракса во најголемиот дел од европските држави. Изразена беше и подготвеност за продолжување на дијалогот со Здружението на новинари во Македонија со цел активно да се поддржи улогата и значењето на слободата на медиумите како столб на демократијата и тоа преку остварување на препораките од високиот пристапен дијалог кои ги допираат најзначајните теми поврзани со работата на новинарите.
„Сметаме дека овој пакет што го нудиме е значаен и суштински повеќе од доволен опозицијата да се врати во политичките процеси и да излезе на локални избори. Овој пакет се осврнува на сите нивни грижи истакнати во јавноста целиот овој изминат период“, потенцираше Груевски, со апел до опозицијата да ја прифатат, како што рече, оваа подадена рака.