Средба на претседателот Иванов со амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими амбасадорот Ралф Брет, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија високо ја цени досегашната соработка со Мисијата на ОБСЕ и изрази очекување дека ОДИХР со внимание ќе ги следи локалните избори во март оваа година. Воедно, македонскиот претседател изрази задоволство од неодамнешната средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, на која беа разменети мислења околу случувањата на внатрешно-политички план во Македонија и беше упатена заедничка порака за фокусирање на сите политички фактори на ЕУ агендата и напредокот на земјата во евроинтегративниот процес.

На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во државата, бојкотот на Собранието и можностите за надминување на ситуацијата. Претседателот Иванов го запозна соговорникот за активностите и иницијативите кои ги преземал за надминување на состојбата, и воедно изрази надеж дека интересите на државата и на граѓаните ќе надвладеат  над партиските или личните интереси на поединци. Амбасадорот Брет ги поздрави напорите на претседателот Иванов, и двајцата соговорници се согласија дека од суштинско значење за натамошниот интеграциски процес на Република Македонија е демонстрирање на внатрешно единство, функционирање на институциите во полн капацитет и надминувањето на политичката состојба.