Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими членовите на македонската карате репрезентацијата, кои учествуваа на Европското првенство за кадети и постари јуниори, кое се одржа од 8 до 10 февруари во Коња, Република Турција.
Повод за приемот на делегацијата на Карате федерацијата на Македонија е остварениот успех на македонските репрезентативци, кои освоија еден златен и два бронзени медали на Европското првенство каде учествуваа 800 натпреварувачи од 44 земји.
Македонскиот Карате репрезентативец Виктор Пендаровски освои бронзен медал во категоријата јуниори, Моника Пендаровска освои бронзен медал во категоријата кадети, додека Берат Јакупи освои златен медал во категоријата постари јуниори, со што се закити со третиот златен медал во неговата кариера и воедно стана единствен македонски спортист кој е трикратен континентален шампион во три различни возрасни категории.
На средбата, претседателот Иванов упати честитки за постигнатиот голем успех на македонските каратисти и воедно им порача во иднина со максимални заложби и ревносен спортски живот, да продолжат достојно да ја претставуваат Република Македонија на големите спортски натпреварувања во сениорска конкуренција.
„Спортските успеси се успеси со кои сите млади луѓе непосредно се идентификуваат. Со врвните резултати кои константно ги бележите, а особено со освоените медали на ова Европско првенство, вие покажавте дека сте исклучително позитивен пример за сегашните и идни млади генерации. Победата сплотува, а ние сплотени во нови спортски победи можеме да ја повториме радоста која ни ја донесоа кошаркарите и ракометарите“, – истакна претседателот Иванов.
Воедно, Претседателот нагласи дека спортот е особено значајна област за интеграција и развивање на меѓусебна толеранција, за што говори и реализираниот проект „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, кој наиде на голема заинтересираност кај младите.
„Спортот е активност која во голема мера го јакне духот. Спортот како активност значи првенствено верба во себе и умствена победа над сопствениот дух, а потоа и бележење на вистински спортски победи“, – додаде претседателот Иванов.
Македонските каратисти го информираа претседателот Иванов за тековните активности преку кои со несмален интензитет се подготвуваат за учество на идните првенства, со надеж дека во блиска иднина каратето ќе стекне квалификација на олимписки спорт. Во тој контекст, претседателот Иванов изрази уверување дека доколку каратето стане олимписки спорт, членовите на Карате федерацијата несомнено ќе бидат потенцијални освојувачи на олимписки медали.
Воедно, членовите на македонската Карате федерација се заблагодарија за континуираната поддршка и искажаните признанија од македонскиот претседател.